Холандски командант предупредува на потенцијална војна со Русија: „Армијата и општеството мора да се подготват за таа можност“

by Fokus

И холандската армија и целото општество мора да се подготват за можноста за војна со Русија, изјави денеска генерал-полковник Мартин Вијнен, командант во заминување на Кралската холандска армија.

– Нашето општество треба да се подготви за тоа – изјави тој за холандски „Телеграф“.

Вијнен истакна дека Холандија треба да го следи примерот на земји како Шведска, Финска и балтичките земји, кои граничат со Русија или се блиску до неа и се подобро подготвени за избувнување на војна, објави порталот NL Times.

– Холандија треба да научи дека целото општество мора да биде подготвено кога работите ќе тргнат наопаку – рече тој.

За цивилите, ова значи да имаат на залиха храна и вода за пиење за итни случаи.

– Холандија не треба да мисли дека безбедноста ни е загарантирана бидејќи сме оддалечени 1.500 километри – посочи тој.

Вијнен предупреди дека Русија станува посилна и дека е неопходно да се има силна војска како одвраќање. Затоа, како што наведе, важно е да се елиминира недостигот од персонал во армијата. Вијнен очекува многу од волонтерската година во младинската армија, која беше спроведена по слична програма во Шведска. Околу 600 млади луѓе учествуваа во програмата, но Вијнен се надева дека ќе привлече 2-3.000 млади луѓе секоја година, од кои една третина најверојатно ќе изберат кариера во војската, а една третина ќе станат резервисти.

Поврзани новости