Холандија го обнови проектот за Судскиот совет, суспендиран по разрешувањето на Дамева

by Fokus

Кралството Холандија го обнови проектот за зајакнување на Судскиот совет, кој беше ставен во мирување во мај минатата година по случувањата во ова тело, кои кулминираа со незаконско разрешување на Весна Дамева од претседател на Советот.

Обновувањето на проектот доаѓа по враќањето на Дамева на чело на Судскиот совет откако Управниот суд во декември лани пресуди дека таа била разрешена од функцијата незаконски и без образложение.

Претседателката на Судскиот совет, како што соопштија оттаму, денеска се сретнала со холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој ѝ го предал известувањето за обновување на проектот „Зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет на Република Северна Македонија“, финансиран од владата на Холандија.

Дамева освен за обновувањето на проектот изразила благодарност и за дадената доверба и поддршка.

„Претседателката Дамева изрази искрена благодарност за заложбите на амбасадорот Коп и Владата на Кралството Холандија, кои во исклучително краток период го обновија овој клучен проект за Судскиот совет на Република Северна Македонија, а воедно изрази благодарност и за дадената доверба и поддршка“,се наведува во соопштението на Судскиот совет.

Поврзани новости