Хоџа: Земјава не се снабдува со природен гас од гасоводот преку Украина

by Fokus

Република Северна Македонија не се снабдува со природен гас од гасоводот што поминува низ Украина и оттука нема простор за грижа дека ќе има недостиг од овој енергенс, изјави денеска владиниот портпарол Муамет Хоџа по информациите дека Русија испорачува помалку природен гас преку Украина кон Европа.

– Во таа насока сакаме да истакнеме дека количините што се потребни за нашата држава се обезбедени од страна на компаниите кои вршат дистрибуција на гас. Нема простор за грижа, рече Хоџа на денешната прес-конференција во Владата.

Во однос на владината одлука да ја укине забраната за извоз на масло за јадење, владините портпароли посочија дека со ваквата одлука нема да се наруши снабдувањето со овој производ на домашниот пазар.

– Во Република Северна Македонија нема недостиг на масло за јадење. Напротив, цело време, врз основа на она што го велеа производителите, има доволно залихи во магацините. Независно од тоа, Владата презеде чекори за дополнително да го осигура пазарот. Во ситуација кога имаме доволно за нас, нема пречка да се помогне на државите кои имаат недостиг на рафинирано масло. Токму затоа на последната седница, Владата ја укина мерката за забрана за извоз со што овозможува на производителите да ги реализираат претходно склучените договори,а во истовреме да излеземе во пресрет како во случајот со Република Албанија, појасни владиниот портпарол Душко Арсовски.

Поврзани новости