Хоџа: Не мислиме да го повлечеме Законот за продажба на државно земјоделско земјиште

by Fokus

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа не мисли да го повлече Законот за продажба на државно земјоделско земјиште кое овозможува откуп на закупените парцели по 10 години за евтини пари. Дебата за разгледување на ЕНЕР заврши, а министерот рече дека дел од забелешките на стручната јавност ќе се вметнат во Законот, при тоа ќе се внимава на јавниот интерес и оти земјоделското земјиште нема лесно да се пренаменува во градежно.

-Јас започнав кампања преку која сакам да им појаснам на земјоделците што сакаме да постигнеме со Законот. Сакам лично од нив да ги слушнам нивните размислувања во врска со новиот закон за продажба на државно земјоделско земјиште. Дали тие сакаат да го купат земјиштето или да продолжат да плаќаат закупнина. Не мислам да го повлечам Законот. Националната федерација на фармери – НФФ првично беше против законот, но сега веќе не е. Законот ќе даде голем придонес во делот на развој на земјоделството, зголемување на приходите во Буџетот и зголемување на инвестициите во земјоделството, изјави министерот Хоџа.

Министерот Хоџа рече дека во следните денови, ќе оствараи нови средби со земјоделци од целата држава.

-Директната комуникација е наменета да ги слушнам од нив и сите критики, да ми кажат од што не се задоволни, а ние како нивна матична институција да постапиме согласно нивните барања и очекувања. Во разговор со нив дознав дека се корисници на многу мерки на МЗШВ. Тие сакаат да ја купат земјата која сега ја обработуваат под закуп и имаат големи планови за проширување на производството, изјави Хоџа.

Следуваат уште три јавни дебати во однос на законот, а потоа ќе продолжи процедурата за гласање. Опозициската ВМРО ДПМНЕ рече дека ќе го блокира Законот во Собранието и дека се минимални шансите да се договорат со власта да ја поддржат идејата за продажба на земјоделско земјиште.

Поврзани новости