Арјанит Хоџа од Движење Беса денеска на својот Фејсбук профил објави реакција по повод изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на тоа дека има дилема околу тоа дали албанските опозициски партии се воопшто во опозиција или пак се резервна варијанта.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоси, ја постави дилемата дали албанската опозиција е против оваа влада или не, што уште еднаш ја докажува како точна дилемата што ја поставив пред неколку недели дека ВМРО-ДПМНЕ маестрално кокетира со ДУИ, појавувајќи се во јавност како да се напаѓаат, а резултатите од оваа „пресметка“ на ВМРО-ДУИ се во служба на зголемување на партискиот рејтинг на овие субјекти“, пишува Хоџа.
Тој додава дека Движењето БЕСА ги покажало своите опозициски позиции и во сите овие месеци има низа критики кон актуелната Влада во сите сфери.
„Македонските партии, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, изгледа не успеаја да разберат една работа, а тоа е дека Движењето БЕСА не е политички субјект што може да се управува од нивните партиски штабови.Затоа, пријателски предлог до господинот Мицкоски, видете го делувањето на Движењето БЕСА во сите овие години и ќе разберете дека во Движењето БЕСА политичките дејствија се автохтони, автономни и автентични!“, посочи Хоџа.