Доктор Злате Мехмедовиќ ќе биде нов директор на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација, неофицијално дознава „Фокус“.
Тој доаѓа на местото на досегашната директорка Велика Лабачевска, која оваа функција ја извршува само неколку месеци.
Мехмедовиќ по професија е доктор специјалист по медицина на труд, а во моментот е на субспецијализација пулмологија и алергологија. Тој е дел од министерството за здравство, како портпарол на Комисијата за заразни болести.
Претходно, со Заводот за физикална медицина цели седум години раководеше Маја Манолева, која за време на техничката влада стана заменик министер за здравство, па мораше раководната палка да ја препушти на некој друг.
„Фокус“ пред неколку месеци пишуваше за случувањата во Заводот за рехабилитација, поточно за време на ковид пандемијата повеќето клиники станаа ковид-центри, а за целиот ангажман на здравствените работници, владата реши да оддели пари за да ги награди за нивната пожртвуваност.
Меѓу нив беше и Универзитетската клиника за физикална рехабилитација, каде што има 136 вработени, кои во периодот од 2021 и 2022 година, со одлука на Управен одбор на Фондот за здравство, добиле дополнителни парични средства, кои, заедно со средствата издвоени за долгови поврзани со ковидот, надминува сума од половина милион евра.
Сепак, дел од вработените тврдеа дека воопшто не добиле никакви парични награди и поради тоа покренале тужби.
Во тоа време, директорка на оваа клиника е Манолева, која, пак, тврдеше дека сите средства им се исплатени на вработените.
Како што Манолева седнува на новата позиција, така вработените во поранешниот Завод во Козле се ослободуваат од стегите и, според нашите информации, веќе поднеле тужби за неисплатени парични бонуси за време на ковид пандемијата.
Каде завршиле половина милион евра наменети за бонуси за плати и долгови во ковид-пандемијата?!
Ирена Мулачка