Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на вториот модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование, што се одржа викендов во Охрид.
Пред учесниците на годинешната Школа за политики, претседателот Пендаровски говореше за актуелните и идните политички и безбедносни предизвици за Северна Македонија.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски зборуваше за севкупните состојби во нашата држава на политички план, во контекст на политичкиот дијалог во земјата и на состојбите и предизвиците за македонските евроинтеграции, за безбедносните и геополитичките случувања во Европа и регионот, а се осврна и на темите за социоекономскиот развој и перспективите за младите во земјата.
„На вториот модул на Школата за политики се дискутираше за учеството на младите на пазарот на трудот и политиките за намалување на младинската емиграција од земјава, за активните социјални политики за поттикнување на социоекономскиот развој, за влијанието на бизнис иновациите и стартапите врз економскиот раст, за иднината на капитализмот и глобализацијата, како и за политиките за заштита и промоција на правата на маргинализираните групи во македонското општество“, соопштија од кавинетот на претседателот Пендаровски.
Вториот модул на Школата за политики го отвори директорот на фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија и Косово, Рене Шлее.
Предавања одржаа и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, Наташа Бошкова од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници „Маргини“, професорот на правниот факултет „Јустинијан Први“, Ванчо Узунов, претседателот на Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Северна Македонија, Глигор Бишев, главниот извршен директор на фондацијата „МК2025“, Никица Мојсоска-Блажевски, советникот за економски прашања на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Јоханес Хајдекер и Тамара Димитрова, стартап експерт во Северна Македонија.