Хјуман рајтс воч го обвини Израел дека користи муниција од бел фосфор во неговите воени операции во Газа и Либан, додавајќи дека употребата на такво оружје ги става цивилите во ризик од сериозна и долгорочна штета, пренесува „Ројтерс“.
Организацијата соопшти дека ја потврдила автентичноста на видеата од Либан на 10 октомври и од Газа на 11 октомври, кои наводно покажуваат „повеќе воздушни експлозии на бел фосфор истрелани над пристаништето во градот Газа и две рурални локации долж границата меѓу Израел и Либан“.
Според Хјуман рајтс воч, израелската армија наводно користела артилериски гранати од бел фосфор, „очигледно како димни завеси или за сигнализација“.
Од друга страна, израелската армија тврди дека „во моментов не е запознаена со употребата на оружје што содржи бел фосфор“.
Во 2013 година, израелската војска објави дека постепено ја укинува муницијата со бел фосфор користена за време на офанзивата во Газа во 2008 и 2009 година, што предизвика голем број организации за човекови права да го обвинат Израел за воени злосторства.
Муницијата од бел фосфор може легално да се користи на боиштата за создавање димни завеси, обележување цели или палење бункери и згради.
Белиот фосфор не е забранет, но Конвенцијата за забрана на употреба на одредени конвенционални оружја го вклучи во списокот на запалливо оружје, чија употреба е забранета против воени цели каде што се наоѓаат цивили.
Израел, сепак, не ја потпиша конвенцијата.