Со 109 восочни фигури за кои неофицијално биле потрошени околу милион ипол евра во 2011 година беше отворен Музејот на македонската борба во Скопје. Станува збор за фигури на личности од македонската историја, од кои секоја изнесувала по околу 13 илјади евра.
Професорот Зоран Тодоровски бил поставен за следење на изработката на восочните фигури, а нивната изработка ја следел и скулпторот Гоце Наневски. Тие двајцата често патувале во Киев, каде што фигурите се изработувале, за да им даваат насоки на авторите дали некоја фигура одговара на историскиот опис за неа или треба да се поправи.
Во осмислувањето на музејските поставки учествувале шест работни групи, составени од историчари, скулптори, сликари, етнолози, па дури и режисери, назначени од тогашната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска.
Токму поради големиот број на стручни лица вклучени во дизајнирањето на музејот, за кој неофицијално беа потрошени над 12 милиони евра, деновиве се актуелизира прашањето зошто се дозволило да биде изработена и изложена восочна фигура на контроверзниот лик Ванчо Михајлов, за кого поголемиот дел од јавноста смета дека е фашистички соработник. (Неговото име и дело се најде во центарот на вниманието откако во Битола беше отворен бугарски клуб именуван по него).
Дали за овие 11 години, откако е отворен музејот имало барања неговата фигура да биде тргната, или пак имало било каков вид на поплаки поради истата, не успеавме да добиеме одговор од директорката Даниела Николова.
Но, она кое е забележително во врска со изложените фигури, е податокот дека од музејот пред околу три години беа тргнати повеќе восочни фигури, помеѓу кои и оние на Хитлер и Сталин.
Тогаш Николова за јавноста појасни дека некои фигури се дислоцирани поради новиот концепт на работа на музејот.
Дали по бурните јавни реакции околу ликот на Ванчо Михајлов, неговата восочна фигура ќе биде тргната од музејот, барем засега нема одговор од надлежните.
Вики Клинчарова