На ѕидот на срамот слободно можеме да ги „обесиме“ имињата на Бујар Османи, Никола Тодоров, Венко Филипче, месиите кои со години седеа на министерските фотелји и ветуваа оаза во здравствениот систем, а по нив потоп.
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Црна недела, црн месец, црна година во Македонија. Секој ден од некоја болница излегува потресна приказна, починато бебе уште неродено, починато шестгодишно девојче.
Јана, Тамара, Никола, Маја и нејзиното бебе, Јилдиз, кој при породувањето остана без органи, се само дел од жртвите на урнисаниот здравствен систем. Лошо поставен систем, кој зацрни бројни семејства, а за кои никој не сносеше одговорност пред законот.
Дел од лекарите се како заштитени мечки. Всушност, кои лекари? Оние во бели мантили, кои на прсти можат да се избројат во јавното здравство што си ја вршат работата како што треба или оние со партиската книшка и амблемче во боја, во зависност од партијата на власт, кои реално немаат поим што е лекување.
Факт е дека не можеме целата вина да ја истураме на лекарите, но уште поголем факт е тоа дека многу родилки, бебиња и деца починаа поради неможноста да им се пружи соодветната здравствена помош или, пак, е направена грешка во целиот процес на лекување. И кој е виновен за тоа?
Повеќе од жално е две децении да се сменат повеќе од десет министри во здравствениот сектор, а со секој нов, тоа само уште повеќе да се распаѓа. Да се руинира. Не може да почне или, пак, да заврши денот, без да излезе хорор-приказна од некоја болница.
Последните три недели, речиси секојдневно такви страшни приказни излегуваат од битолската Клиничка болница. За само 40 дена, таму починаа 6-годишната Јана, 12-годишното момче од Лера и најновиот трагичен случај – бебе, кое сѐ уште не било родено, но неговата мајка предвреме ја изгубила рожбата, без да го слушне неговиот прв плач и да ја види неговата убава насмевка.
И, кој сега ќе понесе одговорност за овие трагедии што го дрмаат јавното здравство? Освен директорот, кој поднесе оставка од морални причини.
И сега да не се разбереме погрешно. Не умираат само бебиња, родилки и пациенти во јавните здравствени установи, истото се случува и во приватните болници, но тие добро знаат да замачкаат очи.
Покрај кралскиот третман што го добиваат пациентите за илјадниците евра што ги оставаат, а уште не влегле во болницата, и таму се случуваат лекарски грешки, и таму умираат бебиња, ама за тоа никој не пишува. Забранета тема, зашто нормално следува тужба.
Така што, сѐ на сѐ, или имаш пари и ќе се чувствуваш како крал/кралица, иако никаде не се знае крајниот исход, или, пак, можеш сиромашен да си останеш и без најмилото, зашто некој не знаел како да го лекува.
Може ДСЗИ да штанца извештаи колку сака, да се натегаат за стручни надзори, и да е и да не е – по нивните извештаи, никогаш лекарот или медицинскиот персонал нема да биде виновен. Точка. Тешко на семејствата што изгубиле!
Секој од нас знае и бил во слична ситуација. Секој барем еднаш ги почувствувал на своја кожа фаталните удари на здравствениот систем водени од негрижа, нестручност или, пак, не им е гајле.
Верувајте и тоа има. До толку се отрпнати, што здравјето на пациентите им е на последното место. Со чест на исклучоците, на кои сѐ уште човек може да си го довери животот.
Македонија е земја што се стреми кон ЕУ, која е далеку светлосни години од нас. Тоа ни е приоритет. За тоа треба да пишуваме. За „достигнувањата“ на нашата држава. Меѓутоа, со такви сомнежи за корупција, криминал и наместени тендери, никаде нема да стигнеме.
Во меѓувреме, пак, на повеќе од 100 пациенти не може да им се обезбеди лекот „трикафта“ за цистична фиброза. Млади 20, 30-годишни момчиња и девојки, на кои животот им зависи од тоа.
Ама, за тоа, пак, можеме да „плеснеме“ 1,3 милијарди евра народни пари на „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатишта. Истите оние кои од далеку мирисаат на корупција.
И да се вратиме на најголемите проблеми – трагичните човечки судбини. Со години помпезно се најавуваат нови згради, изградба на Клинички центар, реконструкции на стари болници, а реално нема ништо од тоа, освен што целата состојба е очајна, бедна и мизерна.
На ѕидот на срамот слободно можеме да ги „обесиме“ имињата на Бујар Османи, Никола Тодоров, Венко Филипче, месиите кои со години седеа на министерските фотелји и ветуваат оаза во здравствениот систем, а по нив потоп.
Седна и новиот министер од редовите на Алијанса, Фатмир Меџити. Тој, пак, освен што ги менува директорите и поставува нивни кадри, се шета по болниците и буквално ништо не прави. Политичкиот и партискиот пазар е ставен на најјако во здравствениот сектор.
Колку да и пишуваме, ова е неисцрпна тема. Тема исполнета со болки, црнила и трагедии. Многу жално е што буквите на Хипократовата заклетва многу одамна избледеа и го изгубија вистинското значење.
„Во часот кога стапувам меѓу членовите на лекарската професија, свечено се колнам дека својот живот ќе го ставам во служба на хуманоста“… ова е само дел од единствената Хипократова заклетва, која кај нас повеќе наликува на Хипокрит наместо на Хипократ.