Лидерот на либанската милитантна група Хезболах вчера се закани дека ќе го нападне европскиот остров Кипар доколку избие војна меѓу Израел и Либан, пишува Си-Ен-Ен.
„Кипар, исто така, ќе биде дел од оваа војна ако ги отвори своите аеродроми и бази за израелските сили“, рече Хасан Насрала во телевизиско обраќање само еден ден откако Израел го предупреди Хезболах, група поддржана од Иран, дека војната е неизбежна.
Ова е првпат Хезболах да му се заканува на Кипар, кој е во ЕУ и се наоѓа во Средоземното Море, на околу 200 километри од Либан. Кипар од 2014 година одржува заеднички воени вежби со Израел.
Заканата на Насрала дојде како дел од одговорот на предупредувањето на Израел. Тој рече дека Хезболах „ќе ги потресе столбовите на Израел доколку на Либан му се наметне војна“.
Тензиите меѓу Хезболах и Израел се зголемуваат по нападот на Хамас на 7 октомври и воената кампања на израелските одбранбени сили во Газа што следеше. Прекуграничните напади меѓу Хезболах и Израел се интензивираа во последниве недели, што ја зголеми загриженоста за можноста од сеопфатна војна.
Во вторникот, Хезболах се пофали со 9-минутно видео снимено со дрон на кое се прикажани цивилни и воени локации околу еден од најголемите израелски градови, Хаифа. Видеото го поттикна израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац да предупреди на „сеопфатна војна во која „Хезболах ќе биде уништен, а Либан тешко поразен“.
„Непријателот знае дека ниту едно место во целата земја не е безбедно од нашите проектили. Намерно ќе ги таргетираме“, рече Насрала во својот говор.
Како одговор на заканата на Насрала, кипарскиот претседател Никос Христодулидес рече дека островот „на кој било начин не е вклучен во воени конфликти“.
„Република Кипар не е дел од проблемот. Република Кипар е дел од решението. И нашата улога во тоа, како што е прикажано, на пример, преку хуманитарниот коридор, не е препознаена само од арапскиот свет, туку и од меѓународната заедница во целина“, рече Христодулидес.