Милитантната либанска проиранска организација Хезболах денеска ја презеде одговорноста за нападот врз позициите на израелската армија во спорната област на ридот Дов на границата со Либан.
Хезболах објави дека истрелал минофрлачи и противтенковски наведувани проектили врз позициите на израелската армија, пишува „Тајмс оф Израел“.
Израелските одбранбени сили претходно објавија дека денеска од Либан биле испукани неколку минофрлачи врз позициите на израелската армија во спорната област на планината Дов. Тие возвратија со оган и го гаѓаа „изворот на минофрлачки оган“ во Либан.
Деталите за инцидентот се под истрага, соопштија израелските одбранбени сили, без да соопштат информации за потенцијални жртви.
Израел во изминатите неколку дена постојано разменува оган со шиитскиот Хезболах и сојузничките палестински фракции во Либан.