Либанската исламистичка организација Хезболах објави дека истрелала десетици ракети во северен Израел, како одговор на смртта на цивил во израелски воздушен напад врз погранична населба на југот на земјата.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа на 7 октомври минатата година, Хезболах, кој ја поддржува палестинската исламистичка организација, речиси секој ден разменува оган со израелската армија.
Хезболах денеска објави дека истрела десетици ракети „Качуша“ врз касарната во Кирјат Шмона како одмазда за смртта на цивили, пренесе Франс прес.
Израелската армија соопшти дека пресретнала десет проектили од околу 15 истрелани од Либан, додавајќи дека во нападот нема повредени.
Официјалната либанска новинска агенција NNA претходно објави дека еден цивил бил убиен во израелски напад врз градот Ел-Бустан.
Градоначалникот на Ал Бустан, Аднан Ахмад, за Франс прес изјави дека жртвата е земјоделец, дека има околу 50 години и дека неговата куќа била погодена во израелскиот напад.
Либанскиот министер за земјоделство Абас Хаџ Хасан ја опиша жртвата како „либански земјоделец кој му се спротивстави на окупаторот останувајќи на својата земја и жртвувајќи го својот живот“.
Во речиси девет месеци борби меѓу Хезболах и израелската армија, во Либан загинаа најмалку 493 лица, главно борци на таа организација, но и 95 цивили, наведува Франс прес.
Најмалку 15 војници и 11 цивили загинале на израелска страна, според израелските податоци.