Израелскиот претседател Исак Херцог вечерва го обвини Хамас дека планирал да употреби цијанид против израелските цивили за време на нападот врз јужен Израел на 7 октомври. Тој им покажа на новинарите на Скај њуз материјал извлечен од УСБ-уред за кој тврдеше дека му припаѓал на еден од убиените милитанти на Хамас во Израел.
Содржината на УСБ-уредот наводно била копирана од терористичката Ал Каеда и содржела, рече Херцог, „детални инструкции за тоа како да се направи хемиско оружје“, вклучително и „прецизни упатства за подготовка на уред за растурање цијанидни агенси“.
-Ова е материјал што е пронајден на опремата на телото на еден од тие садистички негативци. Тоа е материјал на Ал Каеда, официјална Ал Каеда. Кога имаш работа со Исламска држава, Ал Каеда и Хамас, со ова си имаш работа. Овој материјал, исто така, содржеше инструкции како да се направи хемиско оружје, додаде Херцог, објави „Тајмс оф Израел“.
Херцог ги посети и семејствата на киднапираните, кои Хамас ги држи како заложници, велејќи дека Израел прави се за да ги врати назад. На средбата, која траела 90 минути, биле присутни околу 80 семејства, а Херцог се појавил со сопругата Михал.