Херои на нашето време

by Fokus

Нашите херои не навиваа за политичари и не им беа устите полни со партиски пароли и пофалби за партискиот лидер, односно пастир, затоа што не беа овци, затоа што знаеја да разликуваат добро од лошо, фалба и празно ветување од дела и најмногу од сѐ затоа што не се додворуваа никому и не бараа ништо од никого

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

            Опколен Сталинград, зима 1942 година, трупови на сите страни лежат непогребани. Очај меѓу жителите, но и војниците што го бранат градот. Никита Хрушчов ги прашува политичките комесари како да се крене моралот на војниците во Сталинград. Сите се за веќе преземените мерки – стрелање на колебливите и малодушните како пример, казнување, само комесарот Данилов извикува – Дајте му на народот херој!

И тој самиот му го даде на народот, на тогашниот Советски Сојуз, еден од најголемите херои Василиј Зајцев. Многу од преживеаните од Сталинград, во своите сеќавања, наведоа дека немало храна, ниту леб, но повеќе од сѐ, повеќе од леб и вода им требало херој како што е Зајцев, кој им ја хранел душата, вербата, надежта.

ГЕСТОТ НА РИВАЛОТ НА ЏЕСИ ОВЕНС

Берлин во 1936 година, кукасти крстови на сите страни, „зиг хајл“ ечи Германија и олимпискиот стадион во Берлин. Хитлер и Борман од ложата на стадионот уживаат во надмоќта на ариевската раса и победите на германските атлетичари. Студен туш и негирање на бесмислената расна политика на Хитлер носи младиот американски атлетичар Џеси Овенс, кој освојува 4 златни олимписки медали во нацистичкиот Берлин.

Хитлер заминува и одбива да се ракува со црнец. Рака на почит, признание и пријателство му подава неговиот ривал германскиот скокач во далечина Карл Лудвиг „Луц“ Лонг. Иако лути ривали, Луц со техничка помош што му ја дава на Овенс му овозможува триумф во скок во далечина и нов светски рекорд. Едниот, Овенс е херој на сите Афроамериканци, кои се во САД обесправени поради бојата на кожата, а другиот, Луц, херој на сите со слободна мисла и отпор кон нацизмот и расизмот во Германија во тоа време.

Индиското општество во 1999 година, на прагот на новиот милениум е сѐ уште длабоко поделено на касти, каде што жената не ужива многу од правата нормални за едно современо и цивилизирано општество, доживува тектонски бранувања кога упорната и способна Gunjan Saxena успева да стане прва жена пилот во военото воздухопловство на Индија и да учествува во преку 30 мисии во Каргил војната со Пакистан. Сите предрасуди, стереотипи, омаловажувања и полова дискриминација ги носи на своите плеќи, отворајќи им го патот на жените на Индија, не само на полето на рамноправноста по однос на работата меѓу мажите и жените, туку и местото и улогата на жената во индиското општество.

Ова се само некои од хероите на кои многумина и не се сеќаваат или не им ги знаат имињата, но се луѓе што имале огромно влијание во средината и времето во кое живееле и живеат и кои испратиле силна и впечатлива порака за моралните и, воопшто, човечките вредности. Тоа се луѓето, како и многу други кои со своето дејствување, своите ставови и постапки го бранувале општеството и рушејќи ги предрасудите, безнадежноста ја заменувале со надеж, давајќи им мотив и сила на многу луѓе да истраат на својот пат и својата борба.

ИСФРУСТРИРАНИ ФЕЈСБУКОВЦИ И ИНСТАГРАМЏИИ

На секое општество, на секое време му се потребни херои, луѓе од народот, луѓе кои со својот труд, чесност и однесување станале успешни во својот живот и работа. Херои се оние луѓе кои успеале да направат повеќе од што е можно, скокнале подалеку од она што им го одредиле, отишле подалеку од што сите мислеле дека ќе стигнат и биле храбри кога сите се плашеле или биле сами и уплашени кога сите други во толпа биле храбри.

Некогаш нашите херои беа кошаркари, фудбалери и атлетичари, Тарзан и Супермен. Херои на нашето детство беа нашите татковци, кои беа храбри кога беше најтемно, нашите мајки затоа што беа умни и знаеја сѐ, нашите дедовци кои нѐ научија што е добро, а што лошо, нашите баби кои знаеја да зготват сѐ со она малку што го имаа.

Херои на нашата младост беа нашите учители, тренери, нашите другари и другарки, кои можеа повеќе и подобро од она што го можевме ние самите. Нашите херои беа меѓу нас и со нас, за нив ретко се пишуваше, уште помалку ги имаше во медиумите, како што кажал еден познат илустратор, затоа што во медиумите ги има само политичарите.

Наши херои не беа политички лидери и политиканти, тајкуни и преваранти. Наши херои не беа кафеански певаљки, стилисти, радодајки, блогери, териери и тренд-сетери. Нашите херои не беа мамини мази, ненормални копиљаци што возат 100 на саат низ град, дебили со мотори што се тркаат по Партизанска, газди на кафиќи, бивши или идни робијаши, мутни богаташи. Нашите херои не беа исфрустрирани фејсбуковци, офуцани инстаграмџии, оние што се сликаат кај биле или седнале, оние што твитнале или лајкнале.

Нашите херои имаа имиња и став, држеа до својот збор и беа обични луѓе, кои многу знаеја и умееја, луѓе што го разбираа и живееја животот реално и вистински заедно со нас и меѓу нас. Тие не беа богати материјално, туку духовно и беа големи луѓе, не поради она што го имаа на себе, туку поради она во себе.

СЕ СЛАВЕШЕ ДОБЛЕСТА И ДОБРОТО

Нашите херои не беа подводливи, ниту подлизурковци, тие имаа свое мислење, кое знаеја да го кажат гласно и секому в очи. Тие не се криеја зад својата функција, вујко, чичко или татко, туку зад себе имаа дела со кои не се фалеа, но кои сите ние ги почитувавме.

Нашите херои не навиваа за политичари и не им беа устите полни со партиски пароли и пофалби за партискиот лидер, односно пастир, затоа што не беа овци, затоа што знаеја да разликуваат добро од лошо, фалба и празно ветување од дела и најмногу од сѐ затоа што не се додворуваа никому и не бараа ништо од никого. Тие не се пазареа, не правеа компромиси и не го признаваа зборот невозможно.

Стоеја цврсто на земја, беа мудри и посебни на еден ненаметлив, природен начин и своето знаење, мисли, ставови и животно искуство го пренесуваа на еден скромен начин, речиси срамежливо за да не се наметнат, но ни беа пример и доказ дека можеме и умееме да постигнеме сѐ што сакаме. Нашите херои ги славеа доблестите, доброто и љубовта, сплотеноста и заедништвото и нѐ спојуваа, а не нѐ раздвојуваа и делеа.

За крај не можам, а да не ја цитирам Cynthia Ozick, која кажала – „Кога цела една популација зазема место на нем набљудувач, жртвите се без сојузник, неконтролираните криминалци се осилени и само тогаш ние можеме да зборуваме за херои. Кога сето поле е исполнето со овци, мажјакот се истакнува. Кога сиот континент е исполнет со попустливост, ние учиме што е хероизам. ”

Херој е тој што има храброст за својата судбина…

 

 

 

Поврзани новости