ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување најостро го осудува нападот со умисла врз нејзина вработена што вчера се случил од страна на непознато лице во младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно.
-Имено, возрасно машко лице влезе во Центарот за да се информира за достапните услуги, наводно заинтересиран заради здравјето на неговите деца. Додека вработената му ги објаснуваше различните видови на тестирања за сексуално преносливи инфекции, тој почнал да ѝ упатува навреди од типот на „соросоидна к***а“ и отворено да се заканува дека ќе ја запали и неа и Центарот доколку викне полиција. На овој начин, тој ја загрозил нејзината безбедност, како и безбедноста на сервисот на организацијата. Притоа, особено загрижува фактот дека посетата на Центарот и нападот врз вработената се направени со умисла, велат од ХЕРА.
Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно е основан во 2005 година и оттогаш, секоја година опслужува најмалку 1500 граѓани од маргинализираните и ранливите групи со бесплатни и доверливи услуги за сексуално и репродуктивно здравје, вклучувајќи гинеколошки и дерматолошки прегледи, тестирања, советувања, контрацепција и психолошка поддршка.
-Вчерашниот настан се надоврзува на низата напади и говорот на омраза кон наши вработени и кон организацијата на социјалните мрежи, кои особено зачестија во последната година со нашите залагања за воведување на сеопфатното сексуално образование (ССО) во училиштата. Наводно сакајќи да ги заштитат традиционалните семејни вредности, радикалните противници на ССО организирано шират лаги и извртуваат информации за да предизвикаат морална паника и страв, притоа отворено дискриминирајќи групи на граѓани и користејќи говор на омраза.
Ваквите напади особено се интензивираа во последните две недели од страна на политичката партија „Левица“ која пласира лажни информации за активности со општините Карпош и Аеродром од кои ХЕРА никогаш не добила финансиски средства за нивно спроведување, најавувајќи ја така обновата на т.н.„десоросоизација“ и хајката против граѓанскиот сектор, велат од ХЕРА.