Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска поднесе пријава против академик Катица Ќулавкова за нејзината изјава, напишана на Твитер, а со која, како што велат, поттикнува нетрпеливост помеѓу етничките заедници.
Се работи за нејзината објава на Твитер: „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, која подоцна беше избришана.
„Имајќи предвид дека во нашата држава доминира говорот на омраза токму на етничка основа, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина, затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти. А тие по дефиниција се разорни за ранливото социјално ткиво и имаат потенцијал за да ја нарушат националната безбедност. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат интелектуалци, политичари, новинари и други личности со поголемо општествено влијание“, велат од Хелсиншки комитет.
Од комитетот укажуваат дека иако праксата покажува дека обвинителството и судот речиси никогаш не ги процесираат случаите на говор на омраза, сепак сметаа дека е неопходно да се осудат постапките на сите јавни личности кои влијаат кон продлабочување на поделбите и разгорување на омразатa.
Хелсиншкиот комитет воедно укажува дека кризната состојба со коронавирусот деновиве интензивно се прелева на полето на меѓуетничките односи, а за ваквата состојба сметаат дека придонесоа многу фактори: молкот на институциите пред самоволието на верските авторитети кои постапуваа спротивно на сите препораки за заштита на јавното здравје, функционирањето на државата со техничка влада, селективното медиумско известување и масовното присуство на дезинформации, но и поттикнувањето на говор на омраза на етничка основа од страна на јавни личности.