Сто дваесет и три инциденти и дела од омраза регистрирал Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2018 година. Во најголем дел од нив, односно во 64,2 отсто основ била етничката припадност, а во 25,2 отсто политичката припадност. Најмногу од делата – 67 биле насилство, во 26 имало оштетување имот, а телесни повреди имало во 18 дела. Како што истакнаа денеска од Хелсиншкиот комитет, овие бројки укажуваат на речиси двојно зголемување на бројот на криминални дела од омраза од лани, кога биле регистрирани 70 вакви дела. Трендот на пораст на бројот на вакви кривични дела продолжува и годинава.
Овие податоци, содржани во Изештајот на Хелсиншки комитет за криминал од омраза, според Уранија Пировска, укажуваат на фактот дека многу се зборува за надминување на стереотипи, за спречување говор на омраза, а оти многу малку се прави во пракса.
– Потребно е сериозно да се сфати говорот на омраза, затоа што несправувањето значи продукција на инциденти и кривични дела од омраза, рече Пировска на денешната прес-конференција.
Таа апелираше државата да преземе конкретни мерки за да се надминат ваквите ситуации, а јавното обвинителство и судовите да постапуваат по поднесните кривични пријави и тие да имаат завршница.
Најчесто жртви или сторители се млади луѓе, во голем дел малолетни лица.
– Ова зборува дека државата не вложува доволно во едукација и обрзование, во развивање на толеранцијата, разбирањето и соживот со другите етнички заедници, рече Пировска.
Според Хајди Штерјова-Симоновиќ од Хелсиншкиот комитет, треба да се нагласи и фактот што државата најчесто реагира во случаи кога во прашање се јавни личности или политичари.
Таа информира и дека по бројот на вакви дела Скопје е најнебезбеден град во земјвата, а од скопските општини Чаир, Гази Баба и Центар.
Овој тренд на пораст на бројот, рече таа, продолжува и годинава кога само за шест месеци се констатирани 109 кривични дела од омраза, а сторителите или жртвите се малолетници.
Како дела од омраза, од Хелсишнкиот комитет ги сметаат и настаните од 27-ми април, на кои, како што посочуваат им претходел говор на омраза, но и убиството на навивачот на „Комити“ Никола Саздовски.