Хелсиншкиот комитет за човекови права реагира на одлуката за колективно помилување од страна на претседателот на Република Македонија на 57 осомничени сторители на кривични дела, за кои се поднесени кривични пријави и поведени кривични постапки.
Според Хелсиншки, Иванов ги пречекорил своите уставни и законски овластувања и со тоа сторил кривично дело Злоупотреба на службена положба од член 353 став, од Кривичниот законик на РМ. Оттаму велат дека Претседателот, при користењето на своите овластувања не го дал неопходното објаснување за секој поединечен случај на помилување туку понудил политикантски образложенија во јавното обраќање до нацијата, од кои не се гледа нивната оправданост и наводниот интерес на државата
„Ставот и одлуките за помилување Претседателот ги донел без законски основ со оглед на фактот што член 11 од Законот за помилување на кој тој се повикува, е укинат и не е составен дел на правниот поредок на Република Македонија. Спинувањето на Уставниот суд на Република Македонија со кое наместо да се укинат актуелни одредби на постоечкото законодавство се укинува Законот за измени и дополнувања… не може да го врати укинатиот член 11 од Законот за помилување кој на Претседателот му даваше ексклузивно право без претходно предвидената процедура во Министерството за правда, да помилува сторители на кривични дела.
Од друга страна, со овој акт, Претседателот очигледно ги пречекорил своите овластувања, бидејќи под привидот на помилување кој што е акт предвиден за поединечни случаи како корекција на правдата во специфични и посебно оправдани случаи, суштински и фактички за себе узурпирал овластување за една групна и колективна амнестија за голем број кривични дела со што упаднал во овластувањето кое што Уставот заради сериозноста го предвидува како ексклузивно право на Собранието на Република Македонија. Фактот дека се работи за амнестија, а не за помилување е поткрепен и со најавата дека Претседателот и натаму ќе помилува и други лица за кои што ќе биде евентуално покрената постапка од надлежните органи, како и од групното образложение на одлуките за наводно „помилување“ кои се бараат во политичките прилики (судири) во државата.
Со тоа Претседателот се ставил над правото, над парламентот и над политичкиот договор од Пржино, со што суштински ги укинал овластувањата на Специјалното јавно обвинителство, како консензуално прифатен орган надлежен да ги гони кривичните дела кои се поврзани со нелегално прислушуваните разговори. Ова е веројатно единствен пример во историјата каде што еден претседател на држава помилувал масовно и организирано кршење на човековите права и слободи што вклучуваат случаи на повреда на уставното право на слобода на избори, повреда на приватноста, коруптивни и други злоупотреби на политичката елита, претходно нотирани во низа веродостојни и сериозни домашни и меѓународни извештаи на низа владини и невладини организации. Ваквиот чин не е само чин на рушење на правната држава туку и сериозна повреда на меѓународните обврски за заштита на човековите права ратификувани од Република Македонија.
Имено државата има позитивна обврска да обезбеди непречено користење и заштита на човековите права предвидени во Европската конвенција и другите меѓународни договори за заштита на човековите права, како и јасни процедурални обврски за темелно и ефективно истражување на прекршувањата на човековите права, казнување на нивните сторители и превенирање на ваквите случаи во иднина. Со помилувањето на некои од кривичните дела опфатени со одлуките на Претседателот, во оваа смисла практично се повредени обврските од член 2 и 3 од Европската конвенција кои гарантираат право на живот и забраната на мачење, нехуман и деградирачки третман, како и масовно кршење на човековите права на приватност од членот 8 на Европската конвенција со оглед на тоа што и за овој член државата треба да обезбеди ефикасна контрола врз можните злоупотреби од незаконито преслушување. Истовремено, спречувајќи ги кривичните постапки Претседателот ги повредил правата на жртвите на овие злоупотреби со тоа што ги лишил жртвите од ефективно правно средство, кое би обезбедило кривична, морална и материјална сатисфакција на жртвите. Со ова е сторена повреда на членот 6 од ЕСЧП во смисла на оневозможување на ефикасен пристап до судот, како и повреда на членот 13 од ЕСЧП заради оневозможување на ефикасно правно средство за заштита на повредените права и слободи. Со наведените дејствија, Претседателот и Н.Н лице или лица кои му ги доставило податоците за отворените кривични постапки сториле кривично дело на повреда на тајноста на постапката од член 369 од Кривичниот законик, а во врска со членовите 289 и 299 од Законот за кривична постапка што предвидуваат тајност на кривичната постапка.
Со тоа, Претседателот Иванов кој на граѓаните им вети дека ќе работи во тим со Владата на ВМРО ДПМНЕ, себеси се круниса како почесен член на злосторничкото здружение одговорно за рушењето на правната држава и демократијата во Република Македонија. “ велат од Хелсиншкиот комитет.