Хелсиншки комитет бара да се создадат услови за образование и на децата со попреченост

by Fokus

Хелсиншкиот комитет апелира надлежните итно да создадат услови за образование и на децата со попреченост кои во услови на пандемија се соочени со големи предизвици во наставата зашто платформите за учење на далечина во нашата земја, кои го заменија редовното образование, ги исклучуваат најголемиот дел од овие деца.

Од Хелсиншки посочуваат на укажувањето од Обединетите нации од опасност од зголемена ексклузија на децата со попреченост во процесот на образование како резултат на кризата. Се проценува дека децата со попреченост ќе имаат најмалку корист од примената на алтернативните решенија за учење на далечина, на што се надоврзува недостигот од поддршка во домот, непристапноста до интернет, непостоењето пристапен софтвер и наставни материјали.

– Со новиот Закон за основно образование, кој беше донесен пред точно една година и започна со примена во учебната 2019/2020 година, основното образование беше институционално, кадровски и содржински организирано да овозможи инклузија на сите деца во редовното образование. Меѓутоа, новата учебна година започнува за две седмици, а сè уште не се донесени сите подзаконски акти кои требаше да обезбедат соодветна имплементација на Законот и инклузија на децата со посебни образовни потреби во образовниот процес од секој аспект. Дополнително, состојбата на пандемија само ги потенцираше бројните недостатоци во имплементацијата на Законот, за кои во неколку наврати алармираше и Хелсиншкиот комитет. Имајќи предвид дека се уште не е објавен оглас за избор на образовни асистенти, право кое во текот на претходната учебна година можеа да го користат само мал број деца од сите оние кои имаа потреба, постојат индиции дека и со почетокот на новата учебна година децата со попреченост нема да бидат во можност да го користат ова право, наведува Хелсиншкиот комитет.

Поврзани новости