Хеликоптерот на полицијата го изгасна пожарот во Демир Капија

by Fokus

Пожарот во регионот на Демир Капија е изгаснат, сооопшти Министерството за внатрешни работи, чија хеликоптерска единица се вклучи во негово гасење.

„Хеликоптерската единица за посебни намени при Министерството за внатрешни работи со хеликоптер Ми-171 денес активно беше вклучена во гаснење на пожар во реонот на Демир Капија, во околината на местото Дрен, близу Дошница.  На локацијата што беше зафатена со  пожарот направени беа три циклуси со ведро и беа исфрлени 7.500 литри вода со што пожарот  успешно беше  изгаснат.“, соопшти МВР.

Од Министерството за внатрешни работи потсетуваат дека во изминатите неколку години инвестирале во низа неопходни инфраструктурни потреби на оваа единица.

„Инвестирано е не само од аспект на материјално-техничките потреби, туку паралелно  се работеше и на одржување на високо технолошко ниво – преку редовно ремонтирање на леталата и нивна модернизација, како и набавка на опрема на леталата и за оперативни активности од спасувачки карактер, особено во делот на гаснење пожари“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од МВР велат дека препознавајќи ги потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот ја опремиле единицата со 3 хеликоптери марка „Бел“, кои се оспособени за гаснење на пожари, за да одговорат на потребите на граѓаните.

„Беше набавено едно ведро за „Бел 212“ и Симплекс резервоар за „Бел 412“. За да се овозможи успешно користење на опремата, беше спроведена меѓународна обука, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари. Обуката успешно ја завршија и се сертифицираа сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени“, соопшти МВР.

Поврзани новости