Лидерите на НАТО кои присуствуваа на историскиот самит во Вашингтон го поддржаа „неповратниот пат“ на Украина кон членството, соопштувајќи дека Киев има право да избира свои безбедносни аранжмани и дека неговата „иднина е во НАТО“, пренесува Радио Слободна Европа.
Позицијата на Алијансата, изнесена во заедничката изјава по првиот ден од дискусиите на самитот на 10 јули, даде јасен знак за континуираната поддршка на НАТО за напорите на Украина да се одбрани од инвазијата на руските сили.
„Потврдуваме дека ќе бидеме во позиција да упатиме покана до Украина да се приклучи на Алијансата кога сојузниците ќе се согласат и ќе бидат исполнети условите“, се вели во соопштението од НАТО.
На прес-конференција, генералниот секретар Јенс Столтенберг зборуваше за чекорите што беа договорени за помош на Украина повеќе од две години по целосната инвазија на Русија во 2022 година.
Столтенберг го истакна започнувањето на нов проект според кој Алијансата за прв пат ќе ја координира воената поддршка и обука, со команден центар во Германија.
Тој, исто така, го пофали подобреното финансирање на одбраната од страна на членките на НАТО, при што 23 од 32-те членки на сојузот ја исполнија целта за трошење од 2 отсто од бруто домашниот производ за одбраната оваа година и ветија зајакнување на одбранбеното производство.