Украинските градови Харков, Чернигов и Мариопол „остануваат во украински раце“, и покрај силното гранатирање од руските сили, соопшти утринава Министерството за одбрана на Украина.
-Некои руски сили влегоа во градот Керсон, но воената ситуација останува нејасна, се наведува во соопштението.
Сепак, градоначалникот на градот Ихор Колихајев рече дека украинската војска повеќе не е присутна во Керсон во изјава објавена вчера на Фејсбук.
Жителите сега мора да ги извршуваат наредбите на „вооружените луѓе кои дојдоа во градската управа“, рече Колихајев, укажувајќи дека градот сега е под руска контрола.
Според Министерството за одбрана на Украина, главното тело на големата руска колона што напредува кон главниот град на Украина, Киев, останува на повеќе од 30 километри од центарот на градот.
Постигна „мал забележлив напредок за повеќе од три дена“ бидејќи беше „одложен поради силниот украински отпор, механички дефект и застој“, велат од Министерството за одбрана.
-Руското Министерство за одбрана беше принудено да признае дека 498 руски војници веќе се убиени и 1.597 ранети во војната на Путин, се вели во извештајот на Министерството на Украина базиран на разузнавачки податоци.
-Вистинскиот број на убиени и ранети на руска страна речиси сигурно ќе биде значително поголем и ќе продолжи да расте, се додава.