Босанскиот фолк пејач, кој живее во Белград, Харис Џиновиќ, синоќа го разигра и распеа Кавадарци за време на втората вечер на Тиквешки гроздобер.
Тој беше најавен како главна музичка ѕвезда на вечерта, а пред него настапи имаа Игор Џамбазов и Гуру Харе и Огнен Здравковски.
Седумдесет-годишниот Харис се појави на сцената пред преполниот плоштад во својот препознатлив стил, со шеширот на глава, црна кошула и фармерки, и цели два часа ги пееше своите најголеми хитови.
Познат како изведувач на боемски песни, пред крајот на концертот тој ја изненади публиката кога запеа рок, со песна за која кажа дека му е посебно драга.
Со ,,А и ти ме изневјери”, хит на Бјело Дугме, тој буквално ги крена присутните на нозе и целиот плоштад пееше со него во ист глас. Кога сакаше да го заврши концертот, публиката му довикуваше и не сакаше да го пушти да си оди, па тој продолжи со музика и по еден часот по полноќ.
Забавата беше надополнета со разни вина од Тиквешкото поднебје, се служеше и храна на штандовите, а во градот имаше гости од целата земја.
Денес во Кавадарци ќе се одржи Карневалското дефиле, а пак вечер концерт ќе има музичката ѕвезда Горан Бреговиќ.
Вики Клинчарова