Регионалната музичка ѕвезда Хари Варешановиќ деновиве престојува во Скопје, по повод настапот кој ќе го има на роденденска прослава на угостителски локал. Фронтменот на познатата група ,,Хари Мата Хари” откри дека во тек на наредната година планира да одржи повеќе концерти во Македонија, а при крај биле преговорите истите да се одржат во салата на Македонска филхармонија.
Последниот концерт во земјава на Варешановиќ се одржа кон крајот на август, на ракометното игралиште во Гевгелија, кога настапи во склоп на манифестацијата ,,Смоквијада 2019” пред околу 3.000 посетители. Ги воодушеви присутните со својот настап и пееше неколку часа без пауза, енергично како во времето на најголемата слава пред околу три децении, кога беше еден од најпопуларните пејачи во поранешна Југославија.
Пред тоа, во изминатите години имаше повеќе настапи на општински манифестации во земјава, а она што може да го забележи публиката е дека и покрај тоа што за три недели ќе наполни 59 години, изгледа доста помладо за својата возраст, и неретко за него се вели дека е пејачот кој што не старее.
-Јас сум музичар, не сум тип на човек кој што редовно спортува, трча, вежба, здраво се храни. Моето темпо на живот е сосема поинакво. Често ми кажуваат дека изгледам помладо за моите години, и покрај тоа што веќе сум дедо, имам внучиња. Мислам дека тајната на младешкиот изглед е во тоа што многу спијам. Не дозволувам ништо да ми го ремети сонот, сакам да бидам одморен, тоа ми дава свежина – ни изјави Хари во претходно интервју во Радовиш, кога беше главна музичка ѕвезда на манифестацијата ,,Самун ем татлија”.
Вики Клинчарова