Естрадниот менаџер Хари Сековски од Прилеп, кој 25 години живее и работи во Швајцарија, ќе прави голема забава со многу македонски музичари во познатата дискотека Палма во Швајцарија.
Повод за забавата е неговиот дваесет годишен јубилеј, менаџирање со македонската естрада, а дел од музичките гости кои ќе настапат во Палма се Тајзи, ДНК, Елена Велевска, Благоја Грујовски, Бобан Мојсовски, Цаки, Ирена Спасовска, Ице Атанасовски, Стојне Николова, диџеј Гуру Микс, Гоце Костоски – Пејак и други.
Настанот ќе се случува на 17-ти ноември, и најавено е присуство на повеќе телевизиски екипи, ИН ТВ и Фолк Клуб ТВ со емисиите, ,,Наша Сцена” и ,,Естрада плус”, Канал 5 Телевизија со емисијата ,,Разбуди ме со песна” и ,,Бекстејџ”.
-Цели две децении сум дел од менаџерската сцена и соработувам со целата македонска естрада, од забавна и народна музика, од најмлади, па до најстари ѕвезди. Речиси да нема пејач или пејачка со која не сум соработувал, кога се настапите во Швајцарија во прашање.
Тоше Проески, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Елена Ристеска, Дуле и Коки, Тони Зен, Влатко Лозаноски, Ламбе, ДНК, Врчак, Слаткар, Марјан Стојановски… сите се тие дел од моите соработници за чии настапи сум бил задолжен.
И на фолк сцената, работам со сите, од познати до, би рекол, помалку познати. Време е да се одбележи мојата дејност со една голема забава во Швајцарија, со многу музички гости и изненадувања за посетителите – вели Сековски.
Неговите албуми се преполни со фотографии од настапи на наши, но и на познати балкански пејачи, чии гостувања во Швајцарија ги организирал.
Приватни дружби со Тоше, Ребека, Ферус, Благица Павловска, Владо Јаневски, Саша Матиќ, Северина и многу други, се само дел од спомените на прилепчанецот, кој е еден од најангажираните менаџери за балканската естрада во Швајцарија.
Вели дека има посебни спомени со Тоше, со кого што започнал соработка уште во времето додека не бил многу популарен.
-За Тоше имам многу приказни. Кога за прв пат дојде во Швајцарија, му организирав настап во клуб, чиј капацитет беше 1.500 луѓе. Газдата на локалот ми кажа дека не слушнал за Тоше, бидејќи беше релативно нов пејач, но се надеваше дека ќе дојдат околу 300 посетители на настапот. Го договорив да пее во два клуба, за време на викенд, и уште се сеќавам и на цената, 6.000 Швајцарски франци (околу 324.000 денари), за двата настапи. Но, ја имаше Тоше таа харизма, луѓето го сакаа, па за време на првиот настап се случи вистински бум. Во клубот, не само што се пополнија сите места, значи околу 1.500 народ, туку уште околу 200 лица останаа надвор. Со оглед на тоа што влезниците се продаваа по цена од 30 франци, и не остана ниту една, газдата беше во чудо. Беа тоа огромни пари!
Потоа нештата тргнаа по угорна линија, и секој нареден настап на Тоше одеше преку мене. Знам дека тој и неговата менаџерка Љиљана Петровиќ имаа понуди за соработка и од други менаџери, но Тоше беше дециден и никогаш не ја прекина нашата соработка. Велеше дека кога јас верував во него уште на почеток, и тој ќе верува во мене – се присетува Сековски.
-Тоше беше фер човек, никогаш не мислеше само на себе, не беше алчен, гледаше реално на работите. На сите наредни настапи кои му ги организирав, тој одлучи заработката да ја делиме на два еднакви дела. Педесет проценти за мене, педесет за тебе – пресече. И токму тој негов однос, таа негова желба да се биде коректен кон сите, а не да се мисли само на себе и на својата лична корист, го правеше таков каков што беше, голем во душа, но и на дело – вели менаџерот.
Додава дека смртта на Проески лично доста го погодила, но исто така и целата Балканска заедница била потресена. Во негова чест, пет години по ред, за време на неговиот роденден организирал концерти на кои се трудел да донесе пејачи кои најдобро можат да ги доловат песните на Тоше.
-Марјан Стојановски, Влатко Лозаноски, носев пејачи кои ќе не потсетат на Тоше. На сите ни беше јасно дека никој нема да го замени, но сакавме да го зачуваме споменот на него, да се потсетиме на неговите песни – раскажува прилепчанецот.
Околу тоа како започнала неговата менаџерска кариера, вели дека во деведесеттите години на минатиот век работел во радио станица во Прилеп. Сакајќи да привлече повеќе слушатели, започнал да известува во живо од клубови и кафулиња, каде се одржувале избори за мис, концерти, музички натпревари…
-Вршев директни преноси од разни локали, за време на естрадни и забавни случувања. Така започна мојата конекција со естрадата. По некое време, се оженив во Швајцарија и првите две години работев нешто кое не е поврзано со естрадата, но сепак, менаџерството најмногу ми лежи, па започнав соработка со две македонски друштва.
Така тргна целата работа, започнав да носам музичари во салите во Швајцарија, каде имаше забавни настани, а потоа и во клубови, дискотеки, на концерти. Веќе и не ги помнам имињата на сите пејачи кои сум ги донел овде на настап. Некои од нив не се повеќе меѓу живите, некои дури и повеќе не настапуваат поради возраста. Ја сакам мојата работа и се надевам на уште многу јубилејни прослави – ни изјави Сековски.
Вики Клинчарова