Популарниот босански музичар Хајрудин Варешановиќ (63), познат како Хари Мата Хари, утре (петок) доаѓа во Неготино и ќе одржи концерт на градскиот плоштад. Неговиот настап е во склоп на манифестацијата ,,Неготинска музичка вечер”, на која гостуваат и музичарите од проектот ,,Македонијо, во срце те носиме”, како и Бока Конга и Боби Сакс. Водител на настанот ќе биде Ненад Ѓорѓиевски.
За време на настанот на плоштадот ќе бидат поставени високи маси и ќе се служат пијалоци.
Варешановиќ, кој ја започна својата кариера во далечната 1979 година, како член на групата „Зов“, а потоа и како член на групата „Амбасадори“ стана популарен во поранешна Југославија откако ја формираше групата Хари Мата Хари во 1985 година.
Во годините кои следуваа, тој имаше бројни турнеи низ сите југословенски републики, а во Неготино три години по ред доаѓаше во месец септември и одржуваше концерти во спортската сала Младост. Ова ќе биде негово гостување во градот по децениска пауза.
Иако беше во своите рани дваесетти години, откако во 1985 година го објави албумот ,,У твојот коси” тој се стекна со огромна слава со љубовните балади и стана миленик на женската публика.
Во тој период веќе беше во брак со сопругата Аида и ја имаа ќерката Наѓа, а на почетокот на деведесетите години го добија и синот Дамир. Во меѓувреме го доби и вонбрачниот син Марко, а откако се разведе со Аида, се ожени со Јасмина Иштук, која ја запознал во 1994 година на концерт во Келн.
За неговиот љубовен живот често се пишуваше во регионалните медиуми, а во интервју од 2006 година тој изјави дека никогаш во животот немал проблеми со алкохол, дрога или коцка, и негов единствен порок од кој не се спасил биле жените.
– Жените се мојот најдраг порок, кој оди како еден нуспроизвод заедно со музиката. Се оженив многу млад и неподготвен за брак. Јас уште на 20 години бев дефиниран како музичар, и се знаеше мојот животен пат, раскажуваше музичарот.
Во емисијата „Премиера“ пак, појасни дека ретко сака да зборува за приватниот живот, но и дека не знаел од каде ја наоѓа инспирацијата за љубовните балади по кои е познат.
– Мислам дека многу малку му дадов на семејството, бидејќи мојата работа бараше многу внимание, долги патувања, време… Што и да работиш, кога си максимално посветен на работата, природно е дека сите останати на некој начин, помалку ќе те имаат за себе. Поради кариерата ги запоставив своите, но сфатив дека тоа е мојот живот, мојата судбина, изјави Варешановиќ пред три години.
За сегашната сопруга Јасмина, која по потекло е од Осиек, откри дека се венчале во 2010 година, по 16 години врска, и живеат на релација Сараево – Минхен. И таа има деца од првиот брак, а Хари во повеќе наврати има истакнато дека со неа научил што е вистинска љубов.
Манифестацијата „Неготинска музичка вечер“ на која ќе настапи Хари Мата Хари е во организација на Општина Неготино и се одржува неколку години наназад. Лани гостуваше бендот „Забрањено пушење“, а пак во 2022 година концерт одржа „Црвена јабука“.
Вики Клинчарова