Босанскиот поп музичар Хари Варешановиќ (63), познат како Хари Мата Хари по истоимениот бенд, ќе одржи голем концерт во Неготино, на градскиот плоштад. Неговиот настап е дел од манифестацијата Неготинска музичка вечер, која ќе се одржи на 13-ти септември. Пред него, на сцената ќе настапат музичарите од проектот ,,Македонијо, во срце те носиме”- Ламбе Алабаковски, Наум Петрески, Зуица Лазова,, Сузана Спасовска, ДНК, Миле Кузмановски, Андријана Јаневска, Бојана Скендеровски и други.
Варешановиќ ќе се појави на сцената во 22 часот и е најавен како специјален гостин на манифестацијата во организација на Општина Неготино. По него, за крај ќе настапат Бока Конга и Боби Сакс.
Водител на настанот ќе биде Ненад Георгиевски.
Инаку, босанскиот музичар е чест гостин во земјава. Неодамна беше најавен негов солистички концерт во Антички театар Охрид, а истиот требаша да се одржи на 28-ми јули.
Но, настанот беше одложен поради технички причини, а беше појаснето дека ќе се одржи во Филхармонија, Скопје. Точниот датум на скопскиот концерт се уште не е познат, но тој во Филхармонија пееше и во октомври 2022 година, како дел од проектот ,,Индекси и пријателите”.
Досега Варешановиќ има гостувано на повеќе општински манифестации во земјава. Во Неготино неколку години по ред, во времето на поранешна Југославија, најчесто во септември, одржуваше концерти со својата група во Спортскиот центар Младост.
Познат е по својот младешки изглед, а во постаро интервју за ,,Фокус” во време кога беше музички гостин на радовишката манифестација ,,Самун и татлија”, ни изјави дека не е човек кој редовно спортува и здраво се храни, а тајната на младешкиот изглед се криела во тоа што не дозволувал ништо да му го ремети мирот и сонот.
-Јас сум музичар, не сум тип на човек кој што редовно спортува, трча, вежба, здраво се храни. Моето темпо на живот е сосема поинакво. Често ми кажуваат дека изгледам помладо за моите години, и покрај тоа што веќе сум дедо, имам внучиња.
Мислам дека тајната на младешкиот изглед е во тоа што многу спијам. Не дозволувам ништо да ми го ремети сонот, сакам да бидам одморен, тоа ми дава свежина, ни изјави тој пред неколку години.
Вики Клинчарова