Харадинај има два услови за Србија

by Fokus

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека има два услови за да прифати да го води дијалогот со Србија, јавува Коха диторе.

Едниот се однесува на опозицијата, а вториот на меѓународниот фактор.

На прашањето на Коха дали тој ќе го прифати барањето на уставниот суд на Косово да ја претставува земјата во финалната фаза на дијалогот со Србија откако судот ја оцени за неуставна преговарачката група која ја формираше косовското собрание, Харадинај кажа дека станува збор за национално прашање за што е потребна сеопфатност, односно учество на опозицијата во дијалогот.

-Јас можам да ја водам владата, но не можам да го претставувам Косово без учество на сите“, кажа косовскиот премиер.

Второто барање, според него, е обезбедување рамка која ќе овозможи признавање на двете земји во постоечките граници, без што тој нема да прифати да биде дел од дијалогот.

-Неправедно е некој од нас да бара да седнеме и да разговараме без рамка на дијалогот за меѓусебно признавање во рамки на актуелните граници. Тоа го барам за да нема изненадувања во дијалогот како што тоа се случи со границата, корекцијата, демаркацијата или размената на територии, кажа Харадинај.

Подвлече дека ставот на премиерот на Косово е дека без рамка на дијалогот за меѓусебно признавање нема основа за продолжување на дијалогот.

Уставниот суд на Косово го прогласи за неуставен законот за фомирање преговарачка група на Косово која треба да го претставува во продолжението на дијалогот.

Устваниот суд утврди дека косовското собрание е овластено да ја остварува улогата на надгледување на надворешната политика и истовремено ѝ го призна правото на владата да ја предлага и остварува надворешната политика. Утврди и дека во остварувањето на надворешната политика премиерот се советува со претседателот на Косово.

Поврзани новости