Државните институции остануваат неми за барањата на затворската полиција една година по формирањето на владата. Премиерот Зоран Заев барањата на затворската полиција првпат ги слушна во септември минатата година, кога тој беше во посета на затворот Идризово, а каде претседателот на Синдикатот на затворската полиција лично му ги достави нивните барања, но тие повтрно се во незавидна состојба.
Вчера, тие заедно со шумската полиција излегоа на протест, каде побараа подобри услови преку колективните договори за вработените, повисоки плати, униформи, возила и други средства за нормално функционирање.
Претседателот на Синдикатот на затворската полиција, Антонио Стојчевски во изјава за Фокус вели дека им е потребна и платена прекувремена работа, а не како што е во моментов, слободни смени. Вели, хаосот во затворската полиција оди до таму што има само едно униформирано лице на дури 200 осуденици.
-Ако во европски рамки на две осудени лица треба да има едно униформирано, кај нас е едно униформирано лице на 200 осуденици. Потребни ни се минимум сто луѓе, вели Стојчевски, кој додава дека ситуацијата ќе се влоши сега, кога околу 15 луѓе заминуваат во пензија.
Синдикалците неколку пати поднесоа барања за средби со министерот за правда во оставка, Билен Саљили и премиерот Зоран Заев, но како што велат, освен празни ветувања, не добиле никаков друг одговор.
Претходно, тие побараа при набавката на нови униформи за полицијата да се набават уште 400 униформи и за нив, бидејќи како што рекоа, сега се приморани да бараат униформи од колегите припадници на МВР, бидејќи нивните се дотраени и искинати.
Александар Тодески