Безбедносните сили на Еквадор се обидуваат да ја вратат контролата врз најмалку шест затвори во кои вчера избувнаа немири.
Затворениците зеле голем број затворски чувари како заложници и им се заканувале дека ќе ги убијат доколку војниците бидат распоредени за да ја вратат контролата врз затворските објекти.
И четворица полицајци беа киднапирани откако претседателот Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба.
Немирите избија откако еквадорскиот нарко бос Адолфо Марсијал Виламар Фито избега од затворот во градот Гвајакил. Фито не бил во ќелијата во неделата наутро кога полицијата пристигнала да го префрли во друг затвор во истиот комплекс.
Портпаролот на еквадорската влада Роберто Исуриета изјави дека Фито, кој ја предводи моќната банда „Лос Конерос“, бил информиран дека ќе биде преместен од затворот Ла Регионал, каде што живеел во пространа ќелија обоена во живописни бои и украсена со мурали. Се верува дека тој избегал само неколку часа пред закажаниот трансфер. Двајца затворски чувари се приведени под сомнение дека му помогнале на Фито да избега.
Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, кој победи на изборите во ноември, во понеделникот прогласи двомесечна вонредна состојба низ целата земја, како и полициски час во текот на ноќта, во обид да го спречи насилството што избувна по бегството на Фито.
Се трага по тројца полицајци кои биле киднапирани од мажи во неозначен автомобил додека биле на должност во градот Маќала, а уште еден полицаец бил киднапиран во главниот град Кито. Членовите на бандата „Los Coneros“ се вклучени во нарачани убиства, изнуда и трговија со дрога низ целата земја.
Групата, исто така, склучи сојуз со моќниот мексикански нарко-картел Синалоа, кој шверцува кокаин од соседна Колумбија преку еквадорските пристаништа во САД и Европа. Фито го презеде раководството на бандата откако нејзиниот претходен шеф, Хорхе Луис Замбрано, беше убиен во 2020 година.