Во Даблин вечерва дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата по нападот во кој едно лице со нож повреди пет лица, односно двајца возрасни и три деца, јавува Би-би-си.
Вечерва полицајците употребија штитови и палки откако се собра толпа, додека неколку полициски возила беа оштетени.
Ирскиот премиер Лео Варадкар изјави дека се распоредени дополнителни полициски ресурси. Комесарот на полицијата, Дру Харис ја обвини за насилството „лудата, хулиганска фракција“.
„Бараме од луѓето да се однесуваат одговорно, да не слушаат дезинформации и гласини кои кружат на социјалните мрежи“, им рече тој на новинарите.
Инаку, ирската полиција приведе маж откако три деца и двајца возрасни се повредени во напад со нож пред основно училиште во центарот на Даблин, пренесува „The Guardian“.
Инцидентот се случил околу 13.30 часот пред училиште во фреквентен дел на ирската престолнина.
Полицијата соопшти дека петгодишно девојче, жена на 30-годишна возраст и маж на 50-годишна возраст се тешко повредени. Девојчето добило итна медицинска помош. На петгодишно момче и шестгодишно девојче им била укажана помош и минале со полесни повреди. Момчето било пуштено од болница.
Полицијата го третира нападот како „независен“ инцидент и не го смета за „поврзан со тероризам“, се вели на прес-конференцијата.
Маж на околу 50 години е приведен и полицијата во овој момент, не бара никој друг. Полицијата апелираше до сите кои имаат информации за инцидентот, вклучително и снимки од мобилните телефони од нападот и неговите последици, да се изјаснат.
Толпа луѓе се собраа во близина на местото денеска попладне и го прекинаа автобускиот и трамвајскиот сообраќај. Антимигрантските активисти повикаа на протест подоцна во вечерните часови.
Нападот наводно се случил кога учениците го напуштиле училиштето. Случајни минувачи го разоружале осомничениот и го приклештиле на земја, а неколкумина го клоцале, изјавил Сибан Керни, кој бил сведок на овој немил настан.
Министерката за правда Хелен Мекенти го нарече инцидентот „напад на самата невиност“ и изрази уверување во истрагата.
„Овој напад не шокираше сите и не се сомневам дека одговорниот ќе биде изведен пред лицето на правдата“, рече таа.