Хаос со градскиот превоз: ЈСП нема гориво, автобусите доцнат, а учениците пропуштаат часови

by Fokus

Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје се соочува со досега најголеми проблеми во функционирањето, нема доволно гориво за сите автобуси, а оние кои сообраќаат, доцнат со часови со што е загрозено и функционирањето и на работниците и на учениците.

Според информациите ЈСП се уште е без нафта. Претпријатието повеќе од три месеци се соочува со недостаток на нафта, но ситуацијата ескалираше завчера кога воопшто не беше испорачана нафта во двете автобази. Од синдикатот не знаат што се случува, велат ова е голем срам за градот.

Голем дел од учениците кои користат автобуски превоз на ЈСП доцнат на настава наутро, оти нема автобуси. Повеќето се соочуваат со добивање неоправдани изостаноци, затоа што дел од професорите не ги интересира од која причина не можат да стасаат на време на училиште.

Во последните три дена се одржуваат редовни родителски средби за крајот на училишното тримесечје на кои родителите и наставниците разговараат за проблемот со доцнење на децата кои користат превоз на ЈСП. Најголемиот дел од наставничкиот кадар толерантен поради новонастаната ситуација, но тоа не може да трае предолго.

Од Министерството за образование и наука за „Фокус“ велат дека не е регистрирано зголемување на бројот на изостаноци во средните училишта.
„Педагошка евиденција водат наставниците и според податоците за изостаноци на средношколците, кои се внесени во електронскиот дневник од почетокот на оваа учебна година, не се забележани отстапувања од податоците кои го покажуваат просекот од истиот период во претходната учебна година “, велат од Министерството за образование.

И додека граѓаните си го губат времето чекајќи со часови по автобуските станици, препукувањата помеѓу Град Скопје и ВМРО ДПМНЕ за колапсот на ЈСП продолжуваат.

– Јавниот превоз е во ужасна состојба. Граѓаните со часови чекаат на автобуските постојки на овие ниски зимски температури за да им дојде автобус на ЈСП. Кај што нема автобуси, така и тие што ги има Арсовска не ги одржува и постојано се расипуваат. А дел од нив поради нередовното сервисирање, возејќи се запалуваат, така што го загрозуваат животот на патниците и воопшто на сите граѓани. – ВМРО-ДПМНЕ.

Од Град Скопје велат дека тие се блокирани од советниците на ВМРО-ДПМНЕ .

– Неколку месеци по седнување во премиерската фотеља, шефот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, започна со перфидни затскриени пресметки со сите кои му го попречуваат патот до институциите и нивните буџети. Градот Скопје е предмет на блокада од неговите послушници во Советот, каде веќе 3 години се обидува да префрли вина на друг за одлуки кои само неговите советници на чело со Трајко Славевски можат да ги донесат. – Град Скопје.

Од опозициската СДСМ порачуваат, градот не е приватна фирма за експериментирање, градоначалничката и советниците да си заминат доколку не можат да си ја завршат работата.

За в петок жителите на Шуто Оризари најавија протест пред канцаларијата на Арсовска . Откако приватните превозници престанаа да возат оти Арсовска не им плаќа, автобуси на линијата 19 не возат и со тоа оваа скопска општина е отсечена од градот.

Вчера повторно се запали автобус на ЈСП, но за среќа повредени нема. Од ЈСП немаат став зошто се пуштат неисправни автобуси и дали автобусите редовно се сервисираат.

Автобусите лежат расипани поради недостаток на делови

Во однос на тоа дека во автобазите дека има многу расипани автобуси, Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП при ССМ за „Фокус“ вели дека тоа се инвентарни автобуси, како стари „саноси“, стари „манови“, расходовани „Лазови“, двокатни туристички автобуси, кои и во извештаите на ревизијата се водат како бројка.

– А дека има дефектни возила и дека лежат за делови и тоа е вистина. Ви кажав дека пропаѓаат тендерски постапки, а тоа не знае да чека. Автобуси лежат за мали делови на пример за филтри, за компјутери, за инјектори од дизни, понекогаш и за пневматици, меѓутоа тоа е процес што некогаш завршува и тие делови се носат и се монтираат. Но, дека има дефектни возила во двете автобази поради недостаток на делови, има – вели Стојановски.

Во Јавното сообраќајно претпријатие има тенденција на заминување на персоналот и речиси во секој сектор на претпријатието недостасуваат вработени, посебно во сервисите кои и онака работата со недоволен број на луѓе.

– Ние во последните 15 години не примивме млад возач. Дојдоа луѓе што крстосувале по европските патишта со камиони, луѓе што возеле по туристички агенции, луѓе што работеле кај приватните превозници, луѓе што на 50 години извадиле Д-категорија.

Истото се случува и со одржувачите, страшно е, нема кадар, а нема ниту од каде да се прими. Стручните училишта не произведуваат таков кадар кој ни треба. Во меѓувреме, покрај возачите што напуштаат, ЈСП, заминува и стручен кадар: сообраќајни и машински инженери, економисти, правници – открива првиот човек на синдикатот.

Какви автобуси возат по скопските улици?

Скопјани се возат во автобуси со просечна старост од 12 години, од кои 32 се марка „санос“ купени во 1995 година. Со нив управуваат возачи на просечна возраст од 50 години. Тоа го велат податоците запишани во Годишниот извештај за работа на ЈСП во 2022 година.

По улиците сообраќаат 215 кинески „Јутонг“ со просечна старост од 10 до 12 години во зависност од испораката во земјава, се возат 77 украински „Лаз“ со просечна старост од 12 години, 32 „Санос“ со просечна старост од 27 години. ЈСП има вкупно 379 автобуси, 365 соло и 14 зглобни возила со просечна старост од околу 12 години. Нови автобуси не се набавени од времето на градоначалникот Петре Шилегов, односно последните 33 автобуси „ман“ се купени пред повеќе од четири години.

Често менување на директори и молење за плати

Во мандатот на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, претпријатието се соочува со често менување на директори. Последната смена се случи кон крајот на јуни. Арсовска за нов директор на ЈСП Скопје го постави Драги Кушовски.

Кушовски е четврти директор на јавното сообраќајно претпријатие откако градоначалничка на Скопје е Данела Арсовска. Најдолго се задржа Крсте Петревски, речиси една година.

Нејзините одлуки го навлекоа и гневот на советниците во Советот на Град Скопје кој е основач на претпријатието ЈСП Скопје. Таа неколку пати побара од советниците да изгласаат субвенции за плати за вработените во ЈСП.

Додека траеја кавгите помеѓу Арсовска од една страна и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од другата страна, вработените неколкупати штрајкуваа за плати, а скопјани исто толку пати останаа без јавен превоз.

ЈСП остварило профит за 2023 година, но се уште се „гребе“ субвенции

Според Годишната сметка на Јавното сообраќајно претпријатие за 2023 година, ЈСП Скопје остварило нето добивка од 28.425.348 денари или нешто над 460.000 евра. Во 2022 година претпријатието генерирало загуба од 384 милиони денари или нешто повеќе од 6,2 милиони евра.

Ако се земат во предвид нето добивката за 2023 година и акумулираната загуба од над 10 милиони евра, оваа година претпријатието ја почна со загуба од 9,8 милиони евра.

Орце Костов

Поврзани новости