Хан за бегството на Груевски: Ова е некаква регионална соработка која не ми се допаѓа

by fokus

Еврокомесарот Јоханес Хан верува дека Договорот од Преспа ќе помине во грчкиот Парламент. Тој исто така, се осврна и на бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски, кој избега во Унгарија на средината на ноември.

„Се надевам дека последните случувања во Грција нема негативно да се одразат врз Договорот од Преспа и дека тој ќе мине во грчкиот Парламент. Одлуката што треба да ја донесе грчкиот Парламент е, се разбира, суверена одлука. Но, се надевам и верувам дека последниот чекор во решавањето на овој долготраен спор може да се постигне бидејќи толку многу напори беа вложени. Овој договор е од бенефит за целиот регион, вклучително и земјите членки на ЕУ и се разбира посебно Грција“, вели Хан.

Што се однесува до бегството на Никола Груевски, Хан нема докази дека соседните земји се инволвирани во бегството, но како што вели, не е наивен.

„Јавно кажав дека сакам повеќе детали и бев информиран дека Унгарија си ги следи процедурите за азил и дека тоа значи дека е билатерално прашање помеѓу кандидатот за азил и властите и нема обврска да се кажат јавно причините за давањето азил некому. Но, се разбира, ова, во најмала рака, апсолутно не помага. Би било најдобро да му се суди во земјата каде е сторено делото и во согласност со правната држава. Ако ја гледате рутата на бегството, патот не беше директен, туку низ регионот и ова е некаква регионална соработка која не помага и не ми се допаѓа. И им го ставив на знаење јасно на сите колеги во регионот. Немам докази дека соседните земји се инволвирани, но не сум ни наивен“, вели Хан.

 

Поврзани новости