Хан му се јавил на Заев: Институциите да го расчистат „Рекет“, но и случаите од минатото

by fokus

Институциите се должни во ефикасна постапка да ги расчистат актуелните случаи и без одлагање да ги процесуираат предметите за незаконското прислушување од минатото, констатирале премиерот Зоран Заев и комесарот на Европската унија за преговори, добрососедство и проширување, Јоханес Хан, во телефонски разговор вчера попладне, соопшти владината прес-служба.

Заев го информирал Хан за напорите и мерките што Владата активно и интензивно ги презема за борба против корупцијата и организираниот криминал, вклучувајќи го и случајот „Рекет“.

– Премиерот Заев ја потврди цврстата одлучност на Владата за целосно и неселективно расчистување на сите случаи на висока корупција уверувајќи го комесарот Хан дека се создадени услови за институциите од судството и обвинителството активно и непречено да се борат против криминалот и корупцијата. Премиерот Заев и комесарот Хан се согласија дека институциите на системот се должни во брза и ефикасна постапка да ги расчистат актуелните случаи, но и без одлагање да ги процесуираат предметите кои произлегуваат од незаконското прислушување од минатото, се вели во соопштението.

Заев и Хан, како што стои во соопштението, исто така заклучиле дека мора да продолжат напорите на политичките партии за усвојување на законот за јавно обвинителство во Собранието на РСМ, како и дека заедничка цел на сите политички фактори треба да биде позитивна одлука за почеток на преговорите на држвава со ЕУ  во октомври  годинава.

Поврзани новости