Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, денеска рече дека европкомесарот Јоханес Хан утре ќе се сретне само со претставници на политичките партии. Хан нема да има простор во агендата за средба со водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои јавно побараа да се сретнат со него.
Коцијанчич потврди дека Хан добил понуди и за други средби, но дека тој и тројцата европратеници Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, утре во Скопје ќе се сретнат само со претставниците на македонските политички партии.
-Како што веќе реков во петокот, Хан ќе се сретне со политичките претставници. Вистина е дека има и други барања и често кога тој патува во земјата, ние се обидуваме да се сретнеме со што е можно повеќе соговорници, вклучително и со такви од граѓанското општество. Но, овојпат комесарот ќе се сретне само со политичките претставници, бидејќи неговата агенда не дозволува повеќе, рече Коцијанчич.