Еден ден по објавувањето на Извештајот за напредокот на Република Македонија во процесот на евроинтеграциите во кој ЕК даде чиста препорака за почеток на пристапните преговори, во официјална посета на земјата денеска ќе престојуваат заменик-претседателот на Европската комисија и висока претставничка за надворешни работа и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини и комесарот за европска и соседска политика и проширување Јоханес Хан.
Според најавите, Могерини ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, по што е предвидена нивна заедничка прес-конференција. Високата претставничка на ЕУ утре ќе има обраќање во Парламентот. Еврокомесарот Хан, пак, исто така, ќе оствари официјална средба со претседателот на Владата Заев по што ќе одржат заедничка прес-конференцијата. Хан ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, а ќе учествува и на премиерскиот ручек на Дигиталниот самит што во наредните два дена ќе се одржи во Скопје.
Могерини на прес-конференцијата на која беа објавени извештаите истакна дека позитивната порака, која Скопје ја очекуваше од ЕК дојде и изрази уверување дека земјите од регионот ќе ги спроведат реформите и ќе покажат конкретни резултати, бидејќи, како што рече граѓаните на тие земји тоа го очекуваат од нивните власти.
По објавувањето на извештајот еврокомесарот Хан во изјава за МИА порача дека оваа чиста препорака треба да биде мотивација за реформите како и за името.
– Сега е важно процесот да продолжи и оваа прилика да биде искористена за да се продолжи со реформскиот напредок. Главните забелешки до властите се дека тие треба да се справат со корупцијата, да ги завршат прашањата кои се дел од итните реформски приоритети и да дојдат до конечно решение за името, изјави Хан, додавајќи дека се надева дека “денешната одлука ќе биде уште една силна мотивација да се дојде до договор за спорот за името и да се изоди последната милја.“
Премиерот Заев вчера по објавувањето на Извештајот истакна дека со добивањето на оваа кристално чиста и безусловна препорака земјата е чекор поблиску до ЕУ и до достигнување на економските стандарди на ЕУ.
– Тоа значи дека Република Македонија го исполнува основниот политички критериум за членство во ЕУ, што треба да овозможи почеток на преговорите за пристапување во ЕУ. Ова, исто така, значи дека политичката криза е зад нас и дека ЕУ со внимание и со почит ги следи реформските и политичките процеси и дека сме влезени во редовни политички процеси како секоја функционална демократска држава, кажа премиерот.
Тој оцени дека најголемата заслуга за ова и за спроведување на реформските процеси ги имаат граѓаните на Македонија, но ова е, нагласи, успех и на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи посочи, со враќањето во Собранието таа го направи вистинскиот чекор и покажа дека има нова политичка клима во Македонија и дека не се заборавени државните интереси.
Препорака, нагласи тој, е нов поголем ветар за следните остварувања, а во тој дух на искрена надеж и посветеност, додаде, се разговара со нашиот сосед Грција.
– Остануваме заеднички фокусирани на решавање на долгогодишниот проблем кој го имаат со нашето уставно име. Сакаме за брзо време да го решиме овој спор и за навек да го затвориме и ова прашање, рече Заев.
Посочи дека навистина има напредок во овој процес, а тоа му дава волја и оптимизам во претстојните недели, да се направат напори да се изнајде решение за спорот за името пред самитот на ЕУ во јуни кога ќе се носи и одлуката за датум за преговори. Многу е важно да се реши ова децениско прашање кое веројатно е последното отворено билатерално прашање што го има Македонија, секако водејќи грижа за достоинството и идентитетот, рече премиерот Заев.
Безусловната препорака што Македонија ја доби од ЕК вчера ја поздрави и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
– Безусловната препорака е голема победа за сите Европејци – граѓани на Република Македонија – кои дигнаа глас и успеаја да ја вратат државата на вистинскиот пат, рече Димитров на средбата во Скопје со чешката делегација, предводена од потпретседателот на Сенат, Јири Шестак.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар на прес-конференцијата по објавувањето на извештајот на ЕК упати честитки до граѓаните на земјата за чистата препорака за почеток на пристапните преговори.
– Им честитам на граѓаните на земјата за правењето многу важен чекор напред, а тоа е добивањето чиста препорака за почеток на преговорите. Тоа не беше лесно за земјата која помина тешки моменти изминатите години. Мислам дека со заеднички напори на сите кои се чинители во државата, Парламентот се подобри, Владата се ангажираше во сите области што се посочени во нашиот извештај. Сето тоа е одразено во нашиот извештај и како резултат на тоа Комисијата даде препорака, истакна Жбогар.