Ниту еден заложник нема да ја остави Газа жив без преговори и доколку не се исполнат сите наши барања. Таа порака ја испратија претставници на палестинската милитантна група, додека бројните потенцијални предлози за прекин на вооружените напади и ослободување на затворениците по дипломатски канали пукаат како меурчиња од сапуница.
– Ниту фашистичкиот непријател и неговото арогантно раководство, ниту поддржувачите кои стојат зад нив не можат да ги земат живи своите затвореници без размена, преговори и договор за условите на отпорот – изјави портпаролот на Хамас, Абу Обеид во аудио снимката објавена на каналот „Телеграм“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека десетици војници на Хамас го положиле оружјето и му се предале на Израел во северниот дел на Газа во последните денови, што тој го оцени како „почеток на крајот на Хамас“, додека палестинската група ги отфрли обвинувањата.
„Војната е во полн ек, но за целосен пораз ќе биде потребно повеќе време. Им порачувам на терористите на Хамас: `Готово е. Не умирајте за шефот на Хамас, Јахја Синвар. Предадете се сега`“, рече тој.
Следниот ден, израелските одбранбени сили (ИДФ) стигнаа до главниот градски пат во градот Кан Јунис на југот на енклавата, додека воените авиони продолжија да гаѓаат цели на Хамас низ Газа.
Притисокот врз Кан Јунис е засилен од пред неколку дена бидејќи ИД смета дека во овој град се крие дел од силите на Хамас. Израелските сили објавија дека убиле голем број оперативци на Хамас во Појасот Газа.
Израелската војска со авион префрли околу седум тони воена опрема на своите сили кои се борат против Хамас во областа Кан Јунис, фрлајќи ја помошта додека авионите беа во воздух. Ова беше прв пат по 2006 година и Втората либанска војна Израел да ги снабдува своите трупи на овој начин.
Палестинската Црвена полумесечина објави дека борбите се водат во близина на болницата „Ел Амал“ во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, а дека артилериското гранатирање продолжило во центарот на градот и седиштето на организацијата, во кое се сместени 13.000 раселени лица.
Хамас истрела серија ракети од Газа врз областа Тел Авив и градовите во централен Израел, додека сирените за воздушни напади се огласија во Холон, Ор Јехуда, Бат Јам и околните заедници.
Министрите за надворешни работи на Италија, Франција и Германија во заедничко писмо до високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џузепе Борело го повикаа Брисел да воведе ад хок санкции против Хамас и неговите поддржувачи.
Нивното барање доаѓа откако Нетанјаху отворено ги критикуваше западните лидери дека повикаа на прекин на огнот.
– Брзото усвојување на овој режим на санкции ќе ни овозможи да испратиме силна политичка порака за посветеноста на ЕУ во борбата против Хамас и нашата солидарност со Израел – се наведува во писмото.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок вчера изјави дека Берлин очекува Израел да ја прилагоди својата воена стратегија за да го спречи страдањето на палестинските цивили.
Во исто време, катарските власти не се откажуваат од улогата на посредници во прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас за да можат преостанатите заложници да се вратат дома. Сепак, велат дека сега не ја гледаат истата подготвеност за преговарање како досега, пренесе Би-Би-Си.
Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) вчера повторно предупреди дека ниту едно место не е безбедно во Појасот Газа, бидејќи израелските напади се интензивираат.
– Изгубивме повеќе од 130 колеги, половина од нив беа убиени во централните и јужните области. Ова е само пример кој покажува дека никаде не е безбедно. Во центарот на УНРВА во Кан Јунис, кој требаше да прими 1.000 луѓе, сега се сместени повеќе од 30.000 – изјави за Ал Џезира – Џулиет Тума, директор за комуникации во УНРВА.
Генералното собрание на ОН денеска ќе одржи седница на која ќе се гласа за Нацрт-резолуцијата со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот во Газа и безусловно ослободување на сите заложници.
Палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур, претходно изјави за АП дека резолуцијата е слична на онаа на која САД ставија вето во Советот за безбедност на ОН во петокот.