Според израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, милитантната исламистичка организација Хамас сака да ја пренесе војната од Појасот Газа на Западниот Брег.
„Целта на Хамас е да ги запали Јудеја и Самарија (на хебрејски Западниот Брег), и ако е можно планината на храмот (во Ерусалим)“, рече Галант во неделата на состанокот со воените команданти од окупираниот од Израел Западниот Брег.
„Хамас не успеа да ги деморализира Израелците или да постави клин меѓу Израел и САД со својот терористички напад врз Израел на 7 октомври“, продолжи Галант. Затоа сега имаат намера да го „запалат“ Западниот Брег и планината на храмот, место свето и за Евреите и за муслиманите, рече тој.
На своите команданти им порача „да се подготват за војна“, да ги стават трупите во состојба на готовност и да соберат соодветни разузнавачки информации.