17 тајландски работници, кои неодамна беа ослободени од заробеништво од страна на милитантната група Хамас, пристигнаа денеска на аеродромот во Бангкок.
Покрај нив, ослободени се уште шест Тајланѓани, но тие се привремено задржани во Израел, бидејќи лекарите им посочиле дека се уште не се во можност да патуваат, пренесе АП. Тајландските власти забележуваат дека уште девет тајландски заложници се уште се држат во Појасот Газа.
Пред нападот на Хамас на 7 октомври, во Израел имаше околу 30.000 тајландски работници, главно ангажирани во земјоделскиот сектор.
За време на упадот на палестинските милитанти во јужен Израел, стотици Израелци беа убиени, меѓу кои и 38 Тајланѓани, наведува агенцијата. Израел потоа одговори со воздушни напади и копнена офанзива во која загинаа илјадници. Пред седум дена беше договорен прекин на огнот, откако Хамас ослободи 81 заложник, главно израелски државјани, додека Израел ослободи 180 палестински затвореници.
Тајланѓаните главно доаѓаат од посиромашните региони на земјата во Израел, бидејќи можат да заработат и до пет пати повеќе отколку дома. Израелците пред неколку години почнаа да вработуваат Тајланѓани за такви работни места како замена за Палестинците.
АП наведува дека, откако изби војната, околу 9.000 Тајланѓани доброволно се вратиле во својата татковина, иако некои веќе посочија дека се надеваат дека ќе се вратат во Израел, пред се за повисоки плати.