Милитантната група Хамас ја презеде одговорноста за ракетирањето на северот на Израел од позиции во Либан, објави Тајмс оф Израел.
Израелските безбедносни сили одговорија на тоа и објавија дека од хеликоптери гаѓаат воени цели во Либан.
Во соопштението на Хамас се наведува дека либанскиот огранок на милитантната група ја нападнал Нахарија со околу 20 ракети „како одговор на окупациските злосторства врз палестинскиот народ во Газа“.
Во нападот, додава израелскиот весник, нема повредени ниту е причинета материјална штета.
Израелските воздухопловни сили ИДФ посочуваат дека девет ракети летале во израелскиот воздушен простор, пет биле соборени, четири паднале во ненаселени области.
ИДФ додаде дека борбените хеликоптери гаѓале воени цели во Либан и дека војниците на теренот се судриле со вооружени лица кои отвориле оган врз армијата на границата со Либан.