Судбината на 120-те преостанати израелски заложници во Газа е клучна за секој договор за ставање крај на долготрајниот и крвав конфликт меѓу Израел и Хамас. Но, висок функционер на Хамас изјави за Си-Ен-Ен дека никој не знае колку од нив се уште се живи и дека секој договор за нивно ослободување мора да вклучува гаранции за траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските сили од Газа.
Портпаролот на Хамас и член на политичката канцеларија, Осама Хамдан, во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека последниот предлог – израелскиот план објавен на крајот на минатиот месец од американскиот претседател Џо Бајден – не ги исполнува нивните услови за завршување на војната.
Хамдан, кој беше дел од преговарачкиот тим на Хамас, вели дека Израел треба јасно да се согласи на прекин на огнот и дека израелските сили треба да се повлечат од Газа за Палестинците сами да ја одредат својата иднина. Кога ќе заврши опсадата и ќе се исполнат другите услови, вели тој, подготвени се да разговараат за фер договор за размена на затвореници.
За време на интервјуто, Хамдан избегнуваше прашања за улогата на Хамас во страдањата на Палестинците во Газа. Тој ги нарече терористичките напади од 7 октомври, со кои започна актуелната војна во Газа, „реакција против окупацијата“. Таа операција имаше разорно влијание врз Палестинците во Газа. Израел жестоко одговори на нападот, а повеќе од 37.000 луѓе, главно жени и деца, беа убиени во Појасот Газа.