Хамас ја прифаќа резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации за прекин на огнот и е подготвен да преговара за деталите, изјави денеска претставникот на групата Сами Абу Зухри, нагласувајќи дека на Вашингтон е да го принуди Израел да ја почитува неговата имплементација.
Зухри посочи дека ја прифаќаат резолуцијата за прекин на огнот, повлекувањето на израелските сили и размената на заложници за палестинските затвореници во Израел.
„Американската влада се соочува со вистински тест за исполнување на своите обврски поврзани со создавање притисок врз окупаторот веднаш да ја прекине војната преку спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН“, додаде тој.
Советот за безбедност синоќа го поддржа планот на американскиот претседател Џо Бајден за постигнување прекин на огнот во Газа. За предлог-резолуцијата гласаа 14 земји-членки, додека Русија, една од земјите со право на вето, беше воздржана.
Резолуцијата го поддржува планот претставен од претседателот Бајден, кој предвидува прекин на борбите во Појасот Газа во три фази.
Амбициозниот предлог на Бајден повикува на целосен и неодреден прекин на огнот за шест недели. Во овој период би била ослободена одредена група заложници. За возврат, ќе бидат ослободени и Палестинците од израелските затвори.
Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати, а останатите заложници би биле ослободени.
Според нацрт-резолуцијата, последната фаза би ја опфатила реконструкцијата на Појасот Газа.