Министерството за внатрешни работи на Газа, кое е контролирано од Хамас, во среда издаде налог за апсење на Јасер Абу Шабаб, водачот на вооружен бедуински клан од Рафа, обвинувајќи го за предавство и нелојалност кон властите во Појасот Газа.
Според соопштението на министерството, одлуката ја донел таканаречениот „Револуционерен суд“, а Абу Шабаб има десет дена да се предаде и да се соочи со судење. Хамас го обвинува за ограбување камиони со хуманитарна помош од Обединетите нации и тврди дека има поддршка од Израел.
Абу Шабаб не го признава авторитетот на Хамас и ја обвинува оваа група дека им штети на интересите на жителите на Газа. Според информациите на Ројтерс, Хамас претходно испратил некои од своите елитни борци со цел да го елиминира, но Абу Шабаб е сè уште надвор од нивниот дострел, во областа Рафа контролирана од израелските сили.
На Фејсбук страница поврзана со кланот Абу Шабаб, наредбата на Револуционерниот суд беше опишана како „комедија што не го плаши никого што ја сака својата татковина и нејзиното достоинство“. Неговата група тврди дека не соработува со израелската армија и не е одговорна за грабежот на помошта, туку дека ги штити хуманитарните конвои од криминални групи.
Израел претходно призна дека поддржува одредени кланови во Газа во борбата против Хамас, но не прецизираше точно кои групи. Клучен предизвик за Хамас во моментов останува неговиот еродиран авторитет во јужните делови на Газа, додека се повеќе се соочува со локален отпор и обвинувања за репресија и задушување на политичкото несогласување.