Веб страницата на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) fitr.mk во неделата вечерта и вчера попладне била хакирана, а нападот веднаш бил пријавен во Одделот за компјутерски криминал во МВР.
Со хакерскиот напад се оневозможени повеќе функции достапни за граѓаните и компаниите, вклучително и аплицирање за тековни јавни повици.
Како што соопштија од оваа институција, нападот се случува на помалку од 24 часа пред затворање на рокот за доставување апликации во рамки на јавниот повик за технолошки развој за брзо приспособување од ковид-19, кој е една од мерките од третиот сет владина поддршка за заздравување на македонската економија.
Поради ова, Фондот донесе одлука да се пролонгира рокот за доставување на апликациите до 3.7.2020 (петок), до 14 часот.