Електронските системи на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) се под сајбер-напад, пишува „Мета.мк“. Нападот бил потврден и од МВР.
„Минатата недела Секторот за компјутерски криминал беше известен од АЕК за хакерски напад врз оваа институција и преземени се содветни мерки“, рекле од МВР.
Директорот на Агенцијата, Јетон Акику потврдил дека имало „мал инцидент“ и дека во моментов се подигаат нови сервери.
Според информациите, Акику објаснил дека до крајот на денот ќе испрати детални одговори за настанатата ситуација.
Агенцијата за електронски комуникации е регулатор на пазарот за електронски комуникации кои ги вклучува двата најголеми мобилни оператори, Македонски Телеком и А1 Македонија, како и давателите на услуги за фиксна телефонија, кабелска телевизија и интернет.
Дел од податоците кои ги собира АЕК, а кои содржат лични податоци се и оние за сите корисници кои имаат извршено промена на телефонски број од еден оператор на друг.