Јавниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб, ги обвини опозициските лидери Лестер Толедо, Леополдо Лопез и Марија Корина Мачадо за организирање на хакерски напад на ЦНЕ, државната изборна комисија на Венецуела.
Според јавниот обвинител, хакерскиот напад бил изведен од Македонија, пренесуваат медиумите во Венецуела.
На конференција за медиумите јавниот обвинител на режимот во Венецуела изјави дека хакерскиот напад потекнува од „Северна Македонија и имал намера да манипулира со податоците за гласовите.
-За среќа, оваа акција беше спречена, но успеа да го одложи читањето на резултатите. Целта беше да се измешаат вистинските извештаи. Го лоциравме и идентификувавме главниот водач – Лестер Толедо – рече тој.
Јавниот обвинител Сааб најави кривична истрага и против лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо, обвинувајќи ја дека со уште две лица координирала компјутерски напад врз ЦНЕ (Национален изборен совет) од Македонија за време на претседателските избори во земјата.
Во неделата, на претседателските избори во Венецуела победи досегашниот претседател Николас Мадуро.
Во меѓувреме, илјадници луѓе излегоа во центарот на Каракас, каде избија протести еден ден откако претседателот Мадуро тврдеше дека победил во изборната трка за уште еден мандат.
Опозицијата ја оспори изјавата за победа на Мадуро како измама, велејќи дека нејзиниот кандидат Едмундо Гонзалес победи убедливо со 73,2 отсто од гласовите.
Опозициските партии се обединија зад Гонзалес во обид да го соборат претседателот Мадуро по 11 години на власт, во услови на широко распространето незадоволство поради економската криза во земјата.
Голем број западни и латиноамерикански земји, како и меѓународните тела, вклучително и ОН, ги повикаа властите во Венецуела да ги објават записите од гласањето од поединечни избирачки места.