Хајредини: Некој можеби фаворизира приватни увозници на струја

Одговорноста за енергетската криза е во политичките партии и елити, вели за Фокус поранешниот министер за финансии.

by Фокус

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека одамна се предупредува дека земјата ќе се соочи со недостиг од домашно производство на електрична енергија, а дека резервите на јаглен се ограничени. Во изјава за Фокус, коментирајќи ја енергетската криза, Хајредини вели дека одговорноста е во политичките партии и елити кои ветуваа инвестиции во енергетиката пред избори, а кога ќе дојдат на власт забораваат на ветеното.

– ВМРО, на пример, во познатите „преродби во 110 чекори“ предвидуваше дека ќе ги изгради Чебрен, Галиште, Бошков Мост, Луково Поле, Корабски довод, Вардарска долина, нови рудници на јаглен, гасоводен систем, гасификација на ТЕЦ Неготино. Изградбата на повеќе од овие објекти и од владите на СДСМ се спомнува. Со фактот што од сите овие објекти ниеден не е ниту почнат, може да се објасни зошто, не неочекувано, дојдовме во оваа ситуација – вели Хајредини.

Сепак, тој посочува дека електричната енергија е неопходна за домаќинствата и за стопанството, па државата, според него, ќе биде принудена да ја увезува независно од цената. Со тоа, Хајредини смета дека може да се избегнат рестрикциите при испорака на струја, но не и повисоките цени, и тоа не само на енергијата, туку и на сите други производи каде цената на струјата е влезен елемент.

-Мотивите за ориентацијата на Владата долги години да увезува електрична енергија, а не да инвестира за зголемување на домашното производство, не може да се оправдаат ниту со тоа што понекогаш увозната цена може да биде иста или и пониска од домашното производство. За жал, не се исклучува можноста и некој висок владин функционер за свој интерес да фаворизира приватни компании увозници на струја – вели тој.

 

Поврзани новости