Хајредини: Кризата е вистинско време да се „реши“ администрацијата

Мерките се тие, но никој не спомнува дека секое намалување на давачките неминовно ќе ги намали приходите во буџетот, вели тој за Фокус.

by fokus

Антикризните мерки се неопходни и очекувани, но ме чуди што во оваа пресериозна ситуација и премиерот и министрите не успеваат да се ослободат од тој начин мерките да ги презентираат со популизам и пропаганда, вели за „Фокус“ поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини за новите антикризни мерки што ги донесе Владата, а треба да ги усвои Собранието.

-Мерките начелно се тие, но тие се концентрираат на тоа да ги импресионираат граѓаните со бројката 26 мерки. Никој не спомнува дека секое намалување на давачките неминовно ќе ги намали приходите во буџетот, никој не зборува за последиците коишто ќе ги почувствуваат граѓаните. 

Друго, никој не зборува за напластените финансиски проблеми, долговите на општините и јавните претпријатија, прекумерните вработувања, огрмониот број на вработените во општините, огромната администрација, вели Хајредини.

Тој смета дека сега, кога кризата не е вина на владата и има објективни причини, е вистинско време да се решат хроничните проблеми со администрацијата, но и да се почне со штедење.

Хајредини порачува дека штедењето на долг рок, односно мерките за штедење се клучни во справувањето со оваа криза.

Тој предвидува дека цените на горивата постојано ќе растат и дека доколку Русија реши да ни го сопре гасот, земјава ќе остане без гас со оглед на тоашто е сто отсто зависна од рускиот гас.

Владата донесе 26 мерки за справување со економската криза предизвикана од војната во Украина, а меѓу нив има намалување на акцизи, давачки, субвенции.

Попладнево, на дневен ред во Собрание се предлог-измените и дополнувањата на Законот за додадена вредност и Законот за акцизи кои треба да бидат донесени по скратена постапка.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости