Лидерот на ДУИ Али Ахмети на 2 и 3 септември е на средба со припадниците на Специјалното косовско обвинителство во рамки на истрагата за воени злосторства и злосторства против човештвото по обвинителен акт поднесен против актуелниот косовски претседател Хашим Тачи.
Од кабинетот на Ахмети потврдиле за Телма дека овие два датума се потврдени како термин за давање исказ и тврдат дека Ахмети е повикан како сведок. Од специјалното обвинителство, пак, за телевизијата велат дека специјалното косовско обвинителство и судот до конечното одобрување на обвинителниот акт во јавноста не споделуваат детали, ниту пак се знае кој е обвинет, а кој сведок.
-Ние не кажуваме детали за што било во врска со нашата истрага. Информацијата која вие ја кажувате мислам дека доаѓа од самиот г-дин Ахмети. Ние немаме споделено никаква информација за секој што се појавил, во која било фаза или со кого било разговарано. Едноставно, ние не споделуваме информации за истрагата. Кога настаните и постапките ќе бидат јавни, тогаш ќе објавиме информации и за тоа. Но, ништо претходно не е за јавност – вели за Телма Кристофер Бенет, портпарол на косовското специјално обвинителство.